| четврток, 6 декември 2018 |

Повеќе од 2.500 маски на струмичкиот карневал

strumica karneval_02Со интернационалната поворка под маски на булеварот „Маршал Тито“, улиците „Ленинова“ и „Благој Мучето“, како и на плоштадот „Гоце Делчев“, во Струмица за неколку часа ќе почне главната вечер од годинашниот карневал.

Во поворката се проценува дека ќе има повеќе од 2.500 маскирани лица во преку 40 групи или поединечни маски.

По завршувањето на поворката, карневалското расположение ќе се пресели во угостителските објекти каде задолжна влезница е маската.

– Се е подготвено за почетокот на уште една карневалска фешта. Годинава нема да има директни телевизиски преноси и се надевам на уште поголема посетеност на карневалот – изјави претседателот на Организцискиот одбор Александар Цицимов.

Градот од синоќа е зафатен од карневалска треска. Илјадници маскирани лица се забавуваа на баловите под маски во струмичките кафулиња. На маскембалот во хотелот „Сириус“ Кире Тасев и Ена Витанова беа избрани за принц и принцеза. Тие, по традиција, ќе бидат дел од вечерашната карневалска свита.

Првпат годинава во рамки на карневалот чие мото е „Два пати подобар квалитет“, ќе се одржува и парада на олтајмери.

Тримерските празнувањата официјално почнаа завчера, на 27 февруари, а ќе траат до среда, 5 март.

Утре, на празникот „Прочка“, точно напладне на  улицата „Благој Мучето“ и на плоштадот „Гоце Делчев“ ќе се одржи традиционалниот детски карневал. Во понеделник програмата продолжува според традициите, со варење бел грав и организиран ручек на отворено, од 13 часот. Ќе се одржи и изложбата на карикатури посветени на карневалот, како и доделувањето на наградите во Центарот за култура. Вторник вечер е резервиран за традиционалното „карневалско корзо“ со посета на домовите на армасаните девојки. Во среда завршуваат карневалските денови со одбележување на тримерските обичаи и настапот на „Распеани струмичани“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top