
Во Тетово Секторот за внатрешни работи продолжува со планираните превентивно-едукативни активности на учениците.
Започната е практичната имплементација на два проекти: „Превенција од злоупотреба на дроги“ и „Трговија со луѓе-деца“, која ќе се одвива паралелно.
Ќе бидат опфатени над 7000 основци од Полошкиот регион, кои на посебни часови, од обучени полициски службеници, поблиску ќе бидат информирани за негативните здравствени, социјални и законски последици од користење наркотички средства. Учениците, исто така, подробно ќе бидат запознати и со личните, семејните, но и со општествените импликации, поврзани со дрогата и нејзиното злоупотребување.
На учениците во основните училишта во Полог ќе им биде укажано и на потребата од внимателно однесување, кога станува збор за стапување во контакт со непознати лица, а кои им ветуваат работа или пари, за да се заштитат од нивно евентуално вклучување во трговија со луѓе.
Ова, посебно се однесува на малолетници од социјално загрозени или дисфункционални семејства, кои се потенцијални срединини од кои најчесто се регрутираат деца за најразлични видови незаконско искористување.
Превентивни проекти на Секторот за внатрешни работи Тетово, во соработка со ОБСЕ, планирано е да финализираат до крајот на идниот месец или средината на април годинава, до кога во училиштата се очекува да завршат сите едукативно-информативни предавања, со напомена дека во училиштата ќе бидат дистрибуирани и наменски изработени плакати на македонски и албански јазик.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


