На Македонија и е потребен претседател кој ќе биде обединувачки фактор и достоинствено ќе је претставува државата и граѓаните, истакна премиерот Никола Груевски на денешната конвенција на ВМРО-ДПМНЕ на која се избира кандидатот на партијата за претстојните претседателски избори на 13 април.
– Нашиот избор е Македонија. Ни треба човек кој по изборот ќе биде обединувачки фактор во земјата и ќе се грижи за интересите на граѓаните без разлика на нивната религија, верска припадност, социјален статус, партиска определеност или образование и достоинствено ќе ја преставува Македонија. Само така ќе биде корисен за државата. Стабилна личност која ќе
знае да повлече луди чекори од државен и национален интерес, кој знае да издржи неправди и критики и да остане со здрав разум при носењето на одлуките, им порача Груевски на 1236 делегати кои треба да го изберат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за шеф на државата.
Тој ги потсети делегатите дека имаат одговорност кон сите граѓани, кои очекуваат зрела и одговорна одлука на ВМРО-ДПМНЕ и избор за Македонија.
– Имаме номинирано четворица кандидати и сите имаат шанса за претставување пред вас. Ќе можат да ја претстават својата визија и програма. Секој имаше и има демократска можност да се искаже, да агитира, да лобира и да се претставува. Денеска партијата прави избор. Денеска слушнете ги нивните излагања и на база на кажаното и нивните личникарактери, според вашата убеденост и совест гласајте за оној кој ќе ви влее доверба, а потоа да се обединиме околу победникот, рече Груевски.
Делегатите на денешната конвенција избираат меѓу четворицата кандидати кои доставија свои кандидатури до партијата – актуелниот претседател Ѓорге Иванов, универзитетскиот професор Јове Кекеновски, магистерот на науки Божидар Ночев, како и адвокатот и поранешен државен јавен обвинител Ставре Џиков.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


