| четврток, 6 декември 2018 |

ФЕИТ акредитираше Инспекциско тело и воведе стандард за квалитет

ISO_9001
Факултетот за електротехника и информациски технологии акредитираше Инспекциско тело за електротехнички уреди, инсталации и опрема и се здоби со стандард за квалитет ИСО 9001:2008, со што се стреми кон континуирано унапредување на сопственото работење во областа на едукацијата, научно-истражувачката дејност и соработката со стопанството.

-Овој сертификат се однесува за инспекција на сите видови високонапонска опрема, како што се трансформатори, генератори и мотори,  нисконапонски инсталации, громобрански инсталации и зазејмување, потоа на разна електронска опрема, телекомуникации и сите типови на фискални апарати, истакна деканот на ФЕИТ – проф. д-р Миле Станковски.

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски, кој денеска го посети ФЕИТ, апелира сите факултети да го следат овој пример и што побрзо да го заокружат процесот на акредитација на доделените лаборатории преку владиниот проект, со што би помогналe и во побрзо исполнување на втората цел на проектот – комерцијализација на овие лаборатории, односно нивно ставање во функција на бизнис заедницата и на стопанството.

Во ова инспекциско тело влегуваат сите 17 лаборатории кои ги поседува Факултетот, од коишто 5 ги обезбеди Владата на Република Македонија преку проектот за техничко и инфраструктурно опремување на високообразовните и јавните научни установи во земјата,  (Лабораторија за мерење на еколошките параметри, Лабораторија за дигитални видеосистеми, Лабораторија за обработ,  анализа и складирање на податоци од областа на атомската и нукеларна физика, Лабораторија за процесирање на сигнали во телекомуникациите, Лабоарторија за оптички комуникации) – подвлече министерот Ристовски.

Овие лаборатории ќе обезбедат заштеда на огромни финансиски средства доколку компаниите ги вршат овие испитувања во лабораториите на ФЕИТ.

-На пример за периодично испитување на енергетска и друга опрема, една  енергетска компанија во РМ годишно издвојува околу 5.000.000 денари, ако овие тестирања се изведуваат преку ова инспекциско тело акредитирано во нашата земја, додека овие трошоци би биле значително повисоки и можат да достигнат до 60.000.000 денари, кога се користат услугите на инспекциски тела надвор од РМ – објасни министерот Спировски.

Исто така, како потврда за квалитетното работење, ФЕИТ го воведе и стандардот за квалитет ISO 9001:2008.

-Основните принципи на кои се темели високо-квалитетното работење на нашата институција во сите области на делување – образование, наука и апликативна дејност се насоченост кон корисниците, лидерство, ангажираност на персоналот, процесен пристап, системски приод кон управувањето, одлуки базирани на факти, континуирано унапредување и взаемно корисни односи со окружувањето – потврдува деканот Станковски.

Тој се надева дека благодарение на максимално професионалното исполнување на обврските и одговорностите, високо стручниот кадар и современата опрема во доменот на инспекциската дејност, ФЕИТ ќе биде лидер во ова поле и ќе ја продлабочи соработката со стопанството во Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top