Кога влегувате во Крушево, највисокиот град на Балканот, куќата на семејството Важарови веднаш ви излегува пред очи. Никако не може да не ја забележите. Едноставно, се одделува по својата убавина, со типичната крушевска архитектура. Како вистинска храбра повозрасна госпоѓа, со сина летна шапка на главата, која тргнала во прошетка по крушевските сокаци.
Куќата на Важарови е типичен пример на традиционална крушевска староградска архитектура од втората половина на 19 век. Министерството за култура, преку Завод и музеј на Прилеп, комплетно ја реконструираше фасадата на еден од најрепрезентативните станбени објекти во Крушево. Проектот за реконструкција на покривната конструкција и на фасадата бил вреден 2,5 милиони денари.
Овој објект, со конструктивна и естетска концепција типична за крушевските куќи, во изминатиот период беше со особено нарушен изглед на надворешноста. Сега, со реализацијата на проектот, целосно е зачуван автентичниот изглед на фасадата на објектот, а од особено значење е реставрацијата на живописните сликарски декорации на вториот кат од објектот, на кои се претставени богато украсени зооморфни мотиви.
– На фасадата на куќата се насликани ламја во темнозелена боја и лав во сини тонови. Претпоставуваме дека тоа е еден вид симбол на семејството во чијашто сопственост порано била оваа куќа. Сите постари куќи во Крушево имаат такви симболи, како грб на семејството – вели Гордана Данилоска-Спироска, директорката на прилепскиот музеј, кој е изработувач и реализатор на проектот за реставрација на куќата на Важарови.
Куќата е изградена во 1878 година, а семејството Важарови се втори сопственици. Куќата ја купиле од семејството Корнети во 1962 година. Во неа е родена Лилјана Важарова – Атанасоска, која ни раскажа дел од богатата историја на куќата.
– На куќата е двапати интервенирано, но сега, конечно, го доби ликот што го заслужува. Јас сум родена во оваа куќа и сите спомени ми се врзани за неа. Иако се омажив, останав во куќата бидејќи мојот брат почина, па со сопругот останавме во оваа куќа за да бидеме поблиску до мајка ми, на која ѝ бев потребна во тие моменти. Денес, куќата ни е постојано полна со гости. Кај нас вратата е секогаш отворена – вели Лилјана Важарова – Атанасоска.
Во куќата, која има приземје и два ката, има по шест соби на секој кат и два големи чардака од кои се гледа Крушево како на дланка. Куќата има и остава за зимница, трем на влезот од куќата. Токму тие чардаци во лето се полни со деца, внуци и со правнуци. Сите доаѓаат да дишат чист воздух во Крушево и да се одморат.
Мајката на Лилјана била домаќинка, а татко ѝ со години работел како тутунски работник.
– Не можам да одвојам ниту еден посебен дел во куќата, сета куќа ми е омилена. Тука сум родена и за неа ми се врзани сите спомени. Но, има една соба во која чуваме старовремски работи – една машина за шиење чевли, машина за шиење, стари часовници, креденци. Таму најмногу сакам да престојувам – вели Важарова – Атанасоска.
Куќата претставува уште еден успешен пример за реализација на програмата за обнова на фасадите на староградската архитектура, како културно-историско наследство.
– Враќањето на сјајот на овие прекрасни куќи ги поттикнува идните градители во Крушево да ги следат традиционалните вредности при градењето бидејќи тие произлегуваат од климатските услови и од начинот на живеење во овој простор. На овој начин многу странски и домашни гости ќе можат да ѝ се восхитуваат на старата македонска архитектура – вели министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска.
– Куќата беше во многу лоша состојба. Комплетно ги обновивме камените ѕидови, целосно е обновена фасадата, столаријата и куќата е обоена со орнаменти на значајните места со сина боја – специфична за крушевските градби – објаснува директорката на прилепскиот музеј, Гордана Данилоска – Спироска.
Реконструкцијата е проект од програмата на Владата на Македонија и на Министерството за култура за реконструкција на фасади на значајни објекти од старата градска архитектура.
Во рамките на проектот за реконструкција на фасади опфатени се градовите Скопје, Кичево, Битола, Вевчани, Струга, Охрид, Прилеп, Штип, Свети Николе, Струмица, Дојран, Гевгелија, Гостивар, Куманово, Кратово и Крушево. Во периодот до 2015 година се планира да се обноват и да се ревитализираат околу 250 фасади, а досега се обновени фасади во Скопје, Битола, Прилеп, Крушево, Охрид, Гевгелија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.