| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Драстично е подобрена климата за инвестирање во Македонија

grujo biznis

Макроекономска стабилност, ниски трошоци за бизнис, ниска задолженост, ниски даноци, технолошко индустриски зони кои нудат одлични можности за работење на компаниите, пристап до голем пазар преку потпишаните договори за слободна трговија, доброто функционирање на институциите, како и поддршката што Владата ја дава на компаниите кои сакаат да инвестираат, се дел од предностите што синоќа премиерот Никола Груевски им ги претстави на заинтересирани инвеститори од регионот на Штутгарт на Бизнис форум организиран во соработка со Фајненшл тајмс.

– Република Македонија има долгогодишна макроекономска стабилност со ниска инфлација која во просек изнесува околу 2 процента во последните 10 години, избалансирани јавни финансии со низок буџетски дефицит, стабилен девизен курс и низок државен долг од 34,3 отсто од БДП, четврт најнизок долг во Европа, што во овие времиња на должничка криза е многу важно – рече премиерот на Форумот, додавајќи дека тоа е резултат на проактивната економска и реформска политика на Владата и оти последните податоци покажуваат дека лани растот на економијата беше 3,4 проценти што е втор најголем раст во Европа.

Македонија, како што истакна, е конкурентна не само по ниските даноци, туку и ниските царини, социјалните придонеси, енергијата, логистиката, како и условите што ги нудат технолошко-индустриските зони.

– Функционираат три индустриски зони, а планираме 14. Зоните за инвеститорите во технолошко индустриските развојни зони нудиме низа дополнителни поволности целосно ослободување од персонален и данок на добивка во времетраење од 10 години и ослободување од плаќање на надомест за уредување на градежното земјиште кон општините, како и од надоместоци за добивање на градежни дозволи. Земјиштето се дава под долгорочен закуп под поволни услови и симболични цени за период до 99 години. Владата учествува во трошоците за градба на корисниците, во зависност од бројот на нови вработувања и висината на инвестицијата на корисникот – истакна Груевски.

Како најголем предизвик ја напомена невработеноста која образложи дека кога дошла оваа Влада на власт била 38 отсто и оти сега со преземените мерки е намалена на 28 проценти.

Според него, многу важно за инвеститорите е дека во Македонија има квалификувана работна сила и млади едуцирани лица.

– Презедовме низа реформи и инвестиравме во образованието и младите знаат да ја препознаат потребата од образование. Најдобра потврда дека условите се добри се веќе реализираните инвестиции, а особено одлуките на присутните по втор пат да отворат свои капацитети, додаде премиерот. Меѓу странските компани присутни во Македонија се и трите германски Дрекслер маер, Кромберг и Шуберт и Маркард  – рече премиерот.

За инвеститорите исто така важна е и инфраструктурата, посочи вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

– Инвестираме многу. Оваа година почнавме со изградба на два автопати на запад и исток што ќе го подобрат транспортот и логистиката, а исто така почнавме со изградба на железничката пруга кон Бугарија – рече Ставрески.

Германија е трет најголем инвеститор во Македонија и нејзин прв трговски партнер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top