Министерот за економија Ваљон Сарачини и градоначалникот на Дебар, Ружди Љата денеска ја посетија фабриката што хрватската компанија „Мали Лошињ“ ја гради во близина на селото Гари.
– Досега работата на терен се изведува според планираната динамика. Инвестирани се околу 1,5 милиони евра, а тоа вклучува подготвителни работи, ископи, приклучок на трафостаница, како и поставување на темели за фабриката. Во моментот работат 15 работници со потребната механизација – изјави Сарачини.
Вкупната инвестиција на хрватската компанија е 6 милиони евра и планирани се околу 70 вработувања.
– Очекуваме во мај годинава да се објави конкурс за вработување на 35, а во септември за дополнителни 35 работници. Тоа е факт кој многу радува бидејќи многу млади луѓе од дебарскиот регион ќе можат да ја планираат својата иднина во општина Дебар – оцени Сарачини.
Тој нагласи дека изградбата на фабриката за пакувана вода е една од низата проекти што се реализираат во дебарскиот регион, покрај проектите од областа на туризмот, енергетиката и инфраструктурата.
Според Сарачини, значајно е тоа што целокупното производство од фабриката ќе се пласира на странските пазари, со што директно ќе се подобри извозот на земјава и ќе се намали трговскиот дефицит.
Претставникот на хрватскиот инвеститор, Дражен Балиќ истакна дека изградбата на фабриката ќе чини околу 2,5 милиони евра и таа ќе зафаќа површина од 3.700 метри квадратни. Планирана е изградба на производствен и магацински простор и управна зграда.
– Нашите предвидувања се дека до есен годинава ќе заврши изградбата, кога ќе започнеме и со експлоатацијата на вода – потенцираше Балиќ, додавајќи дека за почеток планот е да се произведуваат од 50 до 60 милиони литри флаширана вода годишно.
За градоначалникот на Дебар, Ружди Љата, инвестицијата е почеток на економската преродба во поширкиот дебарски регион.
– Оваа фабрика значи многу за општината и влева надеж дека набрзо поволните услови што се нудат за инвестирање и прекрасната природа ќе привлечат уште многу странски инвеститори, а со тоа општината економски ќе заживее, ќе има работа за сите и ќе се запре миграцијата – рече Љата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.