| четврток, 6 декември 2018 |

Македонска компанија со свои производи на водечкиот саем во Берлин

Друштвото за производство, трговија и услуги „Жито“ – Велес со изложување земјоделски производи од сопствено производство се претстави на водечкиот Светски саем за бизнис со свежо овошје и зеленчук – „Фрут логистика” што се одржува секоја година во Берлин, Германија.

– Ова e одлична можност за наше претставување и за отворање нови можности за соработка и планирање извоз. Да се биде дел од „Фрут логистика“ значи дека, пред сѐ, имате висок квалитет на производите кои ги задоволуваат стандардите во Западна Европа, што е уште една потврда за нашата добра производна практика – изјави Жарко Ѓошевски, директор на секторот за земјоделие во ДПТУ „Жито“ – Велес.

Во текот на саемското претставување, „Жито“ оствари контакти со компании од голем број европски држави, меѓу кои и Италија, Германија, Франција, Норвешка, како и компании од Блискиот Исток. На саемот во Берлин, што се одржа во првата недела на февруари оваа година, беа присутни над 2600 изложувачи од 84 земји, а го посетија повеќе од 62 илјади гости од 140 земји од светот.

– Големиот број компании и посетители ни даде идеална можност да го презентираме широкиот асортиман на нашите производи, ни понуди и одлична можност да оствариме средба со потенцијалните купувачи, дистрибутери на големо и мало и да ги испитаме можностите за идни стратешки бизнис планови, како и да ги отвориме вратите кон светските пазари – додаде Ѓошевски.

Саемот „Фрут логистика“ е одлична можност и за дополнителна едукација во делот на најновите технологии и трендови, производствени процеси и управувачки практики за подобрување на продуктивноста и зголемување на пазарниот удел во индустријата на овошје и зеленчук.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top