Економскиот развој и инвестициите во земјите на Западен Балкан беа темите што го окупираа вниманието на регионалните лидери, на претставниците од Европската комисија, од Европската банка за обнова и развој, како и на повеќе меѓународни претприемачи.
Организаторот, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), нагласи дека целта на овој собир е целиот регион на Западен Балкан да се претстави како инвестициска дестинација, но и да се премости јазот меѓу политиката и регионалните стопански проекти.
Претставниците од Брисел ја донесоа пораката дека токму сега, кога Европа покажува први знаци за излез од економската криза, е клучниот момент за Западен Балкан да најде начин со кој ќе привлече уште повеќе инвестиции.
– Инвестициите ќе дојдат само ако земјите ја унапредат инвестициската клима и создадат услови за одржлив развој. Тоа е и основа за отворање нови работни места. Потоа, да ги подобрат условите за привлекување директен странски капитал, да создадат услови за пазарна конкуренција и напредок, како и услови што ќе го подобрат работењето на домашните мали и средните претпријатија – рече еврокомесарот за проширување Штефан Фуле на отворањето на конференцијата во Лондон.
Европската инвестициска банка (ЕИБ), Светската банка и ЕБОР преку заеднички акциски план за економско закрепнување и развој во Централна и во Источна Европа веќе издвоија 30 милијарди евра наменети за периодот 2013-2014 година. Европската комисија, пак, од претпристапните фондови, на потенцијалните кандидати за членство во Унијата им обезбедува околу милијарда евра неповратна помош.
Во Европската комисија и во ЕБОР се уверени дека првенствено треба да се зголемат вложувањата во инфраструктурни проекти поврзани со енергетскиот развој и со развој на транспортна мрежа, што се смета за битно за унапредување на одржливиот стопански развој, отворање нови работни места, трговска размена…
Европските официјални претставници нагласуваат дека ниту една земја од Западен Балкан во овој миг нема функционална пазарна економија, дека невработеноста, особено меѓу младите во регионот, е висока, дека државните дефицити и долгови се во постојан пораст, како и дека конкурентноста на пазарот е често оптоварена со политички одлуки.
– Овие проблеми мора да се решаваат со здружени сили на веродостојни реформи од една, и обилни фондови од приватниот и јавниот сектор, од друга страна. Токму финансиските реформи и реформите на пазарот на трудот, како и намалувањето на административните оптоварувања во работните односи, би требало да се приоритет. Исто така, да се посвети внимание на инвестициите во образованието и во истражувањата. Владеењето на правото, пак, битно за сигурноста и довербата од инвеститорите, е клучно за економските реформи – им порача Филе на лидерите од Западен Балкан.
Во насока да му помогне на регионот, Европската комисија во последната Стратегија за проширување ја стави во фокус токму економската поставеност на земјите.
– За доближување до економските потенцијали на веќе постојните членки на ЕУ, земјите-аспиранти за членство би требало да се подготват што подобро за влез на економскиот пазар на Унијата, а со тоа и би се намалил миграцискиот притисок. На тој начин, новите членки би ги задржале и своите стручни лица и работници, а пошироката јавност би добила на знаење дека проширувањето може да се одвива и без поголеми миграции – рече Филе, кој на лидерите им нагласи дека од нив и од нивните политики ќе зависи примената на договорените реформи.
Во Европската комисија наведуваат дека со државите од Западен Балкан ќе се водат одделни дијалози, засновани на нивните национални програми за економски реформи. Притоа со секоја од нив ќе треба да се договорат специфични препораки. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и ЕУ ќе се вклучат во понатамошното техничко помагање да се примени договореното.
Од земјите во регионот ќе се бара да изработат акциски планови во областа на јавното финансирање, како и двегодишни „прегледи“ на плановите за реформи во клучните области како што се стопанскиот пораст, конкурентноста, транспортот, енергетиката или едукацијата.
Премиерот Никола Груевски, во рамките на конференцијата во Лондон, вчера се сретна со членови на британскиот Парламент, кои се дел од групата поддржувачи на евроинтеграцијата на Република Македонија.
– Имавме заедничка вечера со група поддржувачи на Македонија овде, во Англија, со луѓе што се во Парламентот – пратеници, лордови, баронеси и луѓе од високиот естаблишмент, кои редовно ѝ даваат поддршка на Македонија кога е тоа потребно – рече Груевски.
Македонскиот премиер се сретна и со еврокомесарот Штефан Филе и со министерот за надворешни работи на Велика Британија, Вилијам Хејг. На заедничката средба со премиерите од регионот се разговараше за искористување на потенцијалите за економски развој, како и одржување напредок.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Орбан: Немам време да дишам, а не пак да се сретнам со Груевски
-
Орбан: Сорос е впуштен во прогонот против Груевски, а тој е мој соработник!
-
Груевски: Добив сознание дека ми се подготвува ликвидација
-
Коалицијата „Сите за правично судење“ ја оспорува професионалноста на МВР за обезбедување на Груевски