| четврток, 6 декември 2018 |

Во Хамбург си знаат: Во Скопје е пеколно тешко да се победи

Претставникот на европскиот првак Хамбург на ждрепката во Виена беше задоволен откако стана јасно дека македонскиот шампион Вардар им е следниот противник во Лигата на шампионите, а изјави дека се радува што првпат ќе играат во прекрасниот амбиент во Скопје.

– Никогаш не сме играле против македонска екипа, но знаеме за атмосферата што ја прават навивачите во Скопје. На тој терен е пеколно тешко да се игра и да се победи. Вардар има одличен тим, познавам доста ракометари што дојдоа од руските екипи, но ние сме европски шампиони и секаде одиме на победа – велат од таборот на Хамбург.

Претставникот на Вардар, Давор Стојановски, не криеше дека посакуван противник во незгодниот избор од три екипи беше унгарскиот тим Веспрем.

– Имав некакво претчувство дека ќе играме против Хамбург или Веспрем. Се радуваме што на гости ќе ни дојде европски првак, а ќе дадеме сѐ од себе за да го изненадиме Хамбург – рече Стојановски.

Неговиот колега од таборот на лутиот градски ривал Металург, Зоран Цветановски, предвидува рововска битка во двомечот меѓу македонскиот вицешампион и Колдинг.

– Очекувам тешка битка во двата меча, меѓу две екипи што играат цврста одбрана. Само да ги избегнеме повредите што нѐ следат во континуитет во последно време. Очекувам да бидеме максимално подготвени, а во Скопје се знае, никому не му е лесно, па посакувам така да биде и во дуелот со Колдинг. Кога можевме да ги победиме Барселона и ПСЖ, зошто да не успееме да го надиграме и данскиот преставник – изјави Цветановски.

Тоа ќе биде двомеч на двете екипи што постигнаа најмалку голови во фазата по групи, но покажаа дека знаат да играат снажна одбрана и тешко примаат погодоци.

– Металург е екипа што е во подем, и оттаму се радувам што ќе играме во земја во која ракометот бележи одличен прогрес. Силната одбрана е адут на двете екипи и мислам дека нема фаворит во нашиот двомеч со Металург – изјави претставникот на Колдинг, Боесен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top