Амбасадорот на Република Македонија во Холандија, Никола Димитров, во пишана изјава најави „повлекување од системот“, по завршувањето на амбасадорската должност, објави „Прес 24“.
– Тргнувајќи, пред сѐ, од чувството на лична одговорност и убеденоста дека можам да придонесам повеќе, а со оглед на околностите и просторот за делување, по речиси 18 години работа, одлучив да се повлечам од системот по завршувањето на должноста во Холандија, на 31 март 2014 година – вели Димитров.
За мене, како што истакнува Димитров, беше огромна привилегија да ги застапувам интересите на Република Македонија како заменик-министер за надворешни работи, советник на претседателот на Република Македонија за национална безбедност, амбасадор во Вашингтон, специјален пратеник во разговорите за надминување на разликата околу името, национален координатор за НАТО, специјален пратеник за европски и евроатлантски интеграции во Брисел, козастапник на Република Македонија пред Меѓународниот суд на правдата и амбасадор во Хаг. Признавањето на уставното име на Република Македонија од страна на САД, пресудата на Меѓународниот суд на правдата во случајот за примената на Привремената спогодба, вклучувањето на Македонија во Вилнус групата и создавањето на Јадранската повелба, како и поддршката на САД и на Холандија кон стратешките надворешно-политички приоритети на Македонија се најзначајните резултати за кои имав чест да соработувам со државното раководство.
– Професионалното искуство и знаење кои ги стекнав благодарение на довербата и честа кои ми беа укажани од институциите на Република Македонија, во наредниот период ќе ги искористам преку мојот ангажман во Хашкиот институт за глобална правда, каде што, меѓу другото, ќе работам на промоција на демократијата, владеењето на правото и европската и евроатлантската интеграција на државите од Југоисточна Европа – наведува Никола Димитров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.