Со свечена церемонија на стадионот „Фишт“ во Сочи вечерва беа затворени 22. Зимски олимписки игри на кои учествуваа околу три илјади спортисти од 88 земји.
Церемонијата на затворањето содржеше елементи кои ја претставуваа руската традиција, културните вредности и историјата на оваа држава која во беспрекорната организација на Игрите вложи 51 милијарди долари.
Признание за успешната организација стигна и од првиот човек на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах.
– Организаторите го исполнија тоа што го ветија. Му се заблагодарувам на претседателот на Русија, Владимир Путин кој лично се ангажира Олимпијадата да помине во најдобар ред. Ги прогласувам Игрите за затворени и ве поканувам на следните во Пјонгјанг – изјави Бах во неговиот говор.
Крајот на Олимпијадата беше означен со традиционалното спуштање на олимпиското знаме и гасење на олимпискиот оган.
Најуспешна нација на првите ЗОИ одржани во Русија беа домашните натпреварувачи кои освоија 33 медали (13 златни, 11 сребрени и 9 бронзени).
Норвешка е втора во пласманот на медалисти со скор 11-5-10 или вкупно 26 медали, а на третото место е Канада со биланс 10-10-5 вкупно 25 медали.
Дваесет и една земја освоија барем еден златен медал, а 26 држави стигнаа барем до еден медал воопшто.
Македонија беше претставувана од Марија Колароска, Дарко Дамјановски и Антонио Ристевски кој во слалом со 29.место го постигна најдобриот резултат на еден Македонец на досегашните Олимпијади.
Домаќин на следните ЗОИ ќе биде јужнокорејскиот град Пјонгчанг во 2018 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.






