Ние сме Барселона и одиме на победа на секој меч, изјави тренерот на 9-кратниот европски шампион, Чави Паскал, при пристигнувањето во Скопје за денешниот дуел со Металург во Лигата на шампионите. Последен меч од Ц групата, што нема да влијае на конечниот распоред на табелата.
Веќе е познато дека Барселона ќе биде прва, зад нив е Пари Сен Жермен по вчерашната победа против Вардар од 35-25, Металург е третопласиран, а Вардар е четврти. Тоа е квартетот што ќе игра во нокаут фазата, па вечерва од 18 часот публиката може да ужива во добар ракомет на мечот меѓу Металург и Барселона.
„Сигурно и Металург ќе сака со победа пред својата публика да ги заврши натпреварите во оваа фаза. Очекувам добар натпревар, а и покрај тоа што ние сме сигурно први, ќе одиме на победа. Нема да го потцениме Металург, а за противниците во слендта фаза ќе размислуваме по овој дуел во Скопје“, изјави Паскал.
Еден од адутите на моќната Барселона ќе биде и македонскиот репрезентативец Кирил Лазаров. Тој изјави дека очекува меч за уживање, за добра атмосфера во салата „Борис Трајковски“, а го пофали Металург, како клуб кој има континуитет во натпреварите од Лигата на шампионите.
Во следната фаза Барселона ќе игра против една од трите четвртопласирани екипи од останатите три групи, а Металург ќе добие противник што е второпласиран во една од останатите три групи. Вардар како четврти на табелата од Ц групата, ќе игра против Кил, Веспрем или Фленсбург, ако денеска Германците го победат Алборг.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


