Мануел Пелегрини брзо се повлече по острите критики што ги упати на адреса на судијата Јонас Ериксон непосредно по завршувањето на мечот меѓу Манчестер сити и Барселона. Стратегот на „граѓаните“ го посочи токму главниот арбитар како главен виновник за поразот на својот тим, потенцирајќи дека е зачуден зошто УЕФА се решила за судија од Шведска, кога шампионатот во оваа земја е завршен пред неколку месеци. Европската куќа на фудбалот покрена дисциплинска постапка против Пелегрини, по што тој го смени својот став.
-Секако дека сега размислувам поинаку, по поразот бев бесен и исфрустриран, можеби реков некои работи што не ги мислев. Затоа, му се извинувам на судијата, иако се уште сум со став дека тој го реши мечот бидејќи не досуди фаул над Навас, по што на спротивната страна следеше пеналот и црвениот картон на Демикелис. Отсекогаш сум велел дека судиите имаат тешка работа бидејќи мораат во дел од секундата да донесат одлука, за што потоа сите коментираат откако ќе ја видат истата ситуација од седум-осум различни агли. Тоа е тешка професија, јас немам навика да критикувам судии и жалам што овојпат ситуацијата изгледаше поинаква. Мислам дека Ериксон имаше лош ден, но дефинитивно немаше намера за му помогне на било кој од тимовите– истакна Пелегрини.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.