Грчкиот заменик премиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос, со денешната посета на Тирана и средбите со албанскиот државен врв ја заокружи неговата балканска турнеја. Како земја претседавач со ЕУ, Венизелос во рамки на турнејата посети шест балкански земји, вклучувајќи го и Косово, кое Грција сеуште го нема признато.
По средбите со премиерот Еди Рама, шефот на државата Бујар Нишани, со колегата Дитмир Бушати, Венизелос на прес конференција изјави дека за грчката влада приоритет е добивање на кандидатски статус на Албанија во јуни годинава, за што вети и целосна подршка.
-Задоволство ми е да ја повторам, мојата официјална изјава за европската перспектива на Албанија. Давањето кандидатски статус на Албанија, е приоритет за грчката влада. За нас тоа е многу важно не само во рамки на билатералните односи, туку и од регионален аспект, затоа што за нас главен приоритет е регионалната стабилност и зајакнувањето на регионалните амбиции за интеграција на сите земји од балканскиот полуостров, изјави Венизелос.
Грчкиот дипломат говорејќи за состојбите во регионот, оцени дека многу се радува на преговорите кои се водат помеѓу Белград и Приштина, и воедно додаде дека Грција сака сите земји од Балканот да се интегрираат во ЕУ.
На средбата со претседателот на Албанија Бујар Нишани тој истакна дека власта и опозицијата треба што побрзо да ги спроведат реформите, бидејќи можностите за добивање кандидатски статус во јуни се големи.
На средбите во Тирана неизбежно беа отворените и прашањата за морската граница и користењето на топонимите од страна на Албанците родени во Грција на нивните пасоши, затоа што топонимите на грчките населени места се напишани на албански јазик, а Грција не ги признава и често ги враќа носителите на пасоши со такви топоними.
Решавањето на овие проблеми, според него, ќе се направи според меѓународни стандради.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.