| четврток, 6 декември 2018 |

Јанукович иницира предвремени претседателски избори и уставни промени

janukovic

Украинскиот претседател Виктор Јанукович денеска објави дека е постигнат договор за одржување предвремени претседателски избори, формирање влада на национално единство и намалување на претседателските овластувања преку измени во Уставот.

Тој изјави дека иницира предвремени претседателски избори и враќање на Уставот од 2004 година.

Во соопштение на сајтот на претседателот се вели дека во овие трагични денови кога Украина има тешки загуби, во кои загинаа луѓе на двете страни на барикадите, тој смета оти има должност да соопшти дека нема ништо поважно од човечкиот живот.

– Затоа Украинците треба заедно да направат сè што е неопходно за постигнување мир во државата – додава тој. Објавувам чекори кои ќе треба да се направат за да се врати мирот и да се избегнат нови жртви – нагласува Јанукович.

Тој истакна дека иницира предвремени претседателски избори и враќање на Уставот од 2004 година со намалување на овластувањата во корист на парламентарната република. Јанукович повика и на формирање влада на национална доверба. Парламентарната група на владејачката Партија на регионите во Украина ја поддржа одлуката на Јанукович за предвремени избори и враќање на Уставот од 2004 година.

На средбата за решавање на кризата во Украина учествуваа украинскиот претседател Виктор Јанукович, опозициските лидери Арсениј Јацењук, Виталиј Кличко и Олег Тјагнибок, министрите за надворешни работи на Германија и на Полска, Франк Валтер Штајнмаер и Радослав Шикорски и рускиот омбудсман Владимир Лукин.

Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен претходно изјави дека ќе бидат огромни последиците во партнерството меѓу НАТО и Украина доколку украинската армија се сврти против сопствениот народ.

Тој ги осуди жестоките крвопролевања во Украина и ги повика сите страни во конфликтот да го прекинат насилството.

– Украинската армија не треба да биде против својот народ. Ако тоа се случи ќе има тешки последици, кои ќе влијаат врз партнерството НАТО – Украина. Сите страни треба да најдат дијалог и мирно решение – истакна Расмусен по средбата со грчкиот премиер Андонис Самарас во Атина.

Во меѓувреме заменик-началникот на украинскиот Генералштаб Јуриј Думанскиj поднесе оставка во знак на протест поради обидите да се вмеша армијата во конфликтот по крвавите насилства во центарот на Киев.

– Денес ја туркаат армијата во граѓански конфликт. Тоа може да предизвика смрт како на војници, така и на цивили. Решив да поднесам оставка за да се избегне ескалацијата – изјави Думанскиј.

Во средата претседателот Виктор Јанукович го разреши началникот на Генералштабот на вооуржените сили на Украина Володимир Замана, кој се спротивставуваше на учеството на армијата во кризата.

Украински демонстранти претходно денеска отворија оган врз полицајци во Киев, кои се наоѓаа на просторот меѓу плоштадот „Независност“ и Парламентот.

– Учесниците во масовните немири пукаа врз припадници на полицијата и се обидоа да се пробијат до зградата на Парламентот – соопшти полицијата.

Во соопштението не беше прецизирано дали полицијата возвратила на нападот. Во меѓувреме, опозицискиот лидер Јацењук нагласи дека вооружени полицајци влегле во зградата на Парламентот.

Американскиот амбасадор во Украина, Џефри Пајет во интервју за „Си-Ен-Ен“ синоќа изјави дека Вашингтон не го поддржува барањето на украинската опозиција за оставка на претседателот Виктор Јанукович.

– Нашиот став е дека претседателот Јанукович треба да ја изведе државата кон нова иднина и тој треба тоа да го направи со формирање нова влада, измени во Уставот и воспоставување политички мир – нагласи американскиот дипломат.

Според него, за да се обнови мирот во Киев неопходни се акции и докази дека виновниците за крвопролевањата ќе понесат одговорност, а во новата технократска влада да влезат како претставници на опозицијата така и претставници од владејачката Партија на регионите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top