| четврток, 6 декември 2018 |

Приказната на Барса на гостински терен во стилот „Дојди, играј, победи“, но не и во Скопје

Приказната на Барселона годинава на гостувањата е по теркот на познатата римска максима, „Дојди, види, победи“, а само храбриот Вардар во Скопје успеа да ѝ одолее на моќната машинерија од Шпанија. „Црвено-црните“ беа храбри, мудри, борбени и на сенационален начин одиграа нерешено 29-29, а дури имаа шанса и да победат, но не го искористија последниот напад. Тоа се случуваше во првото коло во натпреварите од групата Ц во Лигата на шампионите. Сега на некој начин симболично, во последното коло и Металург посакува да го примени рецептот на Вардар и да  не ѝ дозволи на Барса да си замине со цел плен.

Во првиот меѓусебен дуел од овој циклус натпревари Барселона го победи Металург со убедливи 35-17, а Каталонците на ист начин ги декласираа и сите останати противници, освен Вардар во Скопје.

Интересна е и практиката на тимот во кој настапуваат Рутенка, нашиот Кирил Лазаров, Карабатиќ и останатите ѕвезди, на гостувањата да доаѓаат на еден ден пред мечот, без притоа да тренираат пред дуелите во Лигата на шампионите. Така ќе биде и овојпат во последниот натпревар од групата Ц против Металург. Ѕвездите од Барса ќе допатуваат во нашиот главен град в сабота навечер, а средбата е закажана за следниот ден, в недела од 18 часот. За гостите нема да настапи повредениот голман Арпад Штербик.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top