
На вториот повик за изградба на подземна сообраќајница покрај кејот на Вардар до Градот Скопје пристигнаа осум понуди. Kомисијата за јавни набавки вчера ги отвори понудите од заинтересираните компании и понудените суми се речиси исти како на минатиот тендер, кој беше поништен поради високите цени. Град Скопје на 51 милион евра ја процени изградбата на подземната сообраќајница, која ќе почнува од раскрсницата кај мостот „Гоце Делчев“, ќе понира под кејот, а ќе излегува кај Народна банка. Сообраќајницата ќе биде долга 1,3 километар, а 900 метри ќе бидат под земја.
Најмала понуда за реализација, од 66,9 милиони евра со ДДВ, дале група понудувачи именувани како „Обединувањето на Македонија“. Станува збор за две бугарски фирми „Понс трој инженеринг“ и ГП „Груп“ и една тетовска ДПТ „Урбан план“. Група понудувачи од Бугарија, „Станилов ЕОД“ и „Трес груп“, учествувале со понуда од 69,8 милиони евра, а зад нив се бугарско-португалскиот конзорциум „Лена“ и „СK 13“ со 67,3 милиони евра. Две понуди се идентични, 67,5 милиони евра, а пристигнале од група понудувачи од Италија „Виаианини лавори“ и македонската „Бауер БГ“ и од „Интеграл инженеринг АД Лакташи“ од БиХ. Највисоки суми за изведба на подземниот тунел бараат „Чипа“ од Италија, 77,3 милиони евра, „Тецниц СПА“ од Италија – 82 милиони евра, и група понудувачи ГД „Бетон“, ГД „Гранит“ и „Жикол“ – 90,1 милиони евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


