| четврток, 6 декември 2018 |

Колку ѝ значи Антиќ на Атланта? Без Перо, Хоукс нареди седум порази

Перо Антиќ е значаен дел од мозаикот на НБА-тимот Атланта, а потврда се седумте порази во низа откако македонскиот кошаркар го повреди скочниот зглоб и не настапува за популарните „јастреби“. Со него во тимот Атланта имаше позитивен скор на победи и порази, а сега со лошата низа во последните 10 меча со само две победи, Хоукс е во негатива и има биланс 25-28. Според очекувањата, нашиот репрезентативец би требало да се врати на паркетот на почетокот на идниот месец.

Ситуацијата со повредите кај Хоукс станува алармантна, а во серија надвор од паркетот завршија Ал Хорфорд, Антиќ, Демар Керол, Густаво Ајон и Џеф Тиг. Раководството на клубот го искористи последниот рок за размена на играчи во НБА и синоќа го ангажираше Ентоан Џејмисон од Лос Анџелес клиперс во размена за правата за драфтување на турскиот репрезентативец Ченк Акјол.

Во опција е и варијантата за пристигнување во Атланта на кошаркарите на Лос Анџелес лејкерс, Крис Кејман и Џордан Хил, но тоа е сложена операција. Најпрво Лејкерс треба да ги отпуштат двајцата свои играчи, па потоа до 10 март, Хоукс да ги ангажираат како слободни агенти.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top