
Градежните активности за изградба на нов автопат Миладиновци – Штип почнуваат денеска со поставување камен-темелник на местото Три Чешми, Штипско.
Инвестицијата изнесува 206 милиони евра, што државата ги обезбеди со кредит преку кинеската Ексим банка, со рок на отплата од 20 години, пет години грејс-период и каматна стапка од 2-процентни поени.
Автопатот ќе биде долг 47 километри, а широк 29 метри, со по две коловозни ленти од двете страни и една дополнителна лента за застанување.
Делницата ќе ја гради кинеската компанија „Синохидро корпоратион лимитед“, со која Владата потпиша договор во декември лани. Кинеската компанија, која треба да го гради и автопатот Кичево – Охрид, во должина од 56 километри, е обврзана да ангажира македонски подизведувачи за најмалку 49 проценти од предвидените работи и да набави најмалку 49 проценти градежни материјали од Македонија. Изведувачот и подизведувачот во тек на изградбата се обврзани да ангажираат за работа минимум 51 процент македонски државјани.
Со изградбата на двете нови автопатски делници се очекува интензивирање на економскиот развој во сите региони од државата, развој на туризмот и намалување на времето за патување и зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


