| четврток, 6 декември 2018 |

Пожар во Крива Паланка

pozar-15

Изгорена е целата покуќнина на семејството Стојчевски од Крива Паланка по пожарот кој ја зафати нивната куќа утринава околу 1 часот и 30 минути. За среќа, нема повредени.

Противпожарната единица со едно возило и тројца пожарникари интервенирала на лице место неколку минути по пријавувањето, а за само пет минути пожарот бил локализиран, информираше командирот на Територијалната противпожарна единица од Крива Паланка, Иле Коцевски. Сопствениците се видно потресени поради фактоот што на катот каде избувнал пожарот биле сместени нивната снаа и внучето.

– Одеднаш слушнавме силна експлозија, како бомба да експлодираше над нас. Брзо се качивме на катот со сопругот и не можевме да си поверуваме на сопствените очи, ѕидот срушен комплетно, кујната гори, а од спалната врескаат снаата и внучето. Едвај ги смиривме, раскажува сопственичката Зорица Стојчевска.

Одговорните служби од општината и директорот на меѓуопштинскиот центар за социјални работи Олгица Ристовска излегоа на терен, потенцирајќи дека општината ќе одреди сума со која ќе му помогне на семејството, а на располагање им стои и еднократна парична помош до 30 илјади денари.

Според првичните информации од инспекторите од крим-техника, најверојатно причина за пожарот е неисправен плински уред, кој веќе е однесен на вештачење, а настанатата материјална штета се проценува од 40 до 50 илјади евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top