-Стимулација на детското творештво и поддршката на проектите наменети за младата популација е еден од приоритетите на Министерството за култура – истакна министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска по средбата со писателите за деца.
Со апел што повеќе да се пишува за децата, да се мотивираат младите автори да пишуваат ваква литература, бидејќи навиките за читање, создавањето услови за учество во разни видови културна практика, негувањето на македонскиот јазик и јазиците на заедниците се од особено значење во целиот образовен процес.
– Поддршката е, навистина, многу голема, од околу 1.600 проекти пристигнати во делот на издавачката дејност 51 проект беа наменети за децата и за помладата популација, и тие се поддржани – истакна министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска.
– За првпат по толку години место пет до 10 наслови со творби за деца се финансирани, се поддржани дури 50 дела – рече писателот Александар Кујунџиски, додека Ксенија Маказлиева смета дека детската литература во моментов, за жал ,не може да се пофали со нови и млади автори.
– За литературата за деца и млади треба да се направи нешто сериозно зашто таа литература е ставена на маргините, пред сè, од писателскиот еснаф – изјави писателот Горјан Петревски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.