| четврток, 6 декември 2018 |

Начинот на приватизација, виновен што нема јавна понуда на хартии од вредност

khv

Начинот на кој е спроведена приватизацијата и стравот на раководните лица дека ќе го изгубат мнозинскиот пакет акции се една од причините зошто досега во Македонија нема јавни понуди на хартии од вредност. Земјава има софистициран пазар на хартии од вредност, но луѓето не се толку добро едуцирани да можат да ги разберат спецификите на пазарот. Затоа е неопходно да се формираат фондови кои треба да го стимулираат растот, а луѓето да се едуцираат и да вложуваат во фондовите каде ризикот е помал, а добивката би требало да биде поголема отколку во банките. Ова се само некои од заклучоците на тркалезната маса на тема „Зошто нема јавни понуди на хартии од вредност во Република Македонија“ што денеска се одржа во организација на Комисијата за хартии од вредност, Македонската берза и Институтот на овластени ревизори.
– Во Македонија вистински, а особено иницијални јавни понуди на хартии од вредност нема премногу регистрирано, но слична е и состојбата во поширокиот регион, како и во сите земји кои ја поминаа транзицијата. Очекувањата од првите пазарни реформи кај нас и
пошироко не беа такви – рече главниот извршен директор на Македонската берза Иван Штериев.
Тој посочи дека примарниот пазар во Македонија главно имаше приватни пласмани, а не јавни понуди на хартии од вредност или, пак, јавните понуди и новите емисии беа последица од цензусите за постигнување на повисоки износи на капитал во високорегулираниот
финансиски сектор, распределба на корпоративните добивки во форма на акции или се случуваа после извршени преземања од странски доминантни акционери.
– Некои инвестиции можат соодветно да бидат финасирани единствено преку акционерски капитал или преку фондовите. Затоа унапредувањето на сегментот на финасискиот сектор кој нуди капитал што прифаќа повисоки ризици треба да биде приоритет. Од непроценливо значење е вратата на пазарот на капитал да се држи отворена за оние претприемачи кои имаат добри идеи и кои во моментот не можат да обезбедат капитал од традиционалните банкарски ресурси- порача Штериев.
Претседателот на КХВ Елизабета Чингаровска рече дека најчест начин на финансирање на компаниите во Македонија е преку земање кредити од страна на банките.
– Многу важен алтернативен начин на финасирање е токму преку издавањето хартии од вредност, акции и обврзници, преку кои компаниите имаат можност да дојдат до свеж капитал. Кај бизнисмените постојат дилеми зошто преку издавање акции да се финансира една компанија и дали со издавање акции и вклучување на повеќе акционери треба да се дели и профитот и ќе се усложни начинот на носење на одлуки- нагласи Чингаровска.
Таа посочи дека во 2013 година се бележи тренд на зголемување на алтернативниот начин на финансирање на компаниите на светско ниво.
– На глобално ниво во 2013 година имало 864 јавни понуди во вредност од 163 милијарди долари што е за 27 отсто повеќе отколку во 2012 година. Само во САД имало 222 иницијални понуди со вкупна вредност од 59,6 милијарди долари. Во европските земји од 158 иницијални понуди собран е капитал нешто повеќе од 30 милијарди долари. Во Хрватска имало пет иницијални понуди и тоа две со издавање на обврзници, а три со издавање на акции во кои се собрани преку 56 милиони евра, во Словенија има 10 иницијални понуди во кои се собрани 205 милони евра, а кај нас преку осум приватни понуди се прибрани околу три милиони евра – појасни Чингаровска.
Претседателот на Институтот на овластени ревизори, Борислав Атанасовски рече дека преку јавната понуда може да дојде до зголемување на конкурентноста на компанијата и со тоа се отвора можноста едно друштво да преземе друштво на полесен начин, а со тоа да се влијае на конкурентноста на пазарот во Македонија.
Извршниот директор на Поштел Брокер АД Скопје, Ѓорѓи Павлевски истакна дека македонскиот пазар на хартии од вредност е ограничен со одредени ресурси и одредени хартии од вредност кои нудат дивиденди кои сепак се поповолни во однос на
орочените депозити, но се премногу малку за, како што рече, количината на капитал што стои затоврен во рацете на приватни инвеститори од Македонија.
– Жалосно е што како пазар не можеме да ги апсорбираме тие средства…. Влијанието на банкарството е преголемо врз компаниите во Македонија, се уште поврзаноста меѓу начинот на управување на компаниите и менаџментите на банките е на високо ниво. Приватизацијата игра клучна улога за начинот на размислување во Македонија, бидејќи строго дефинирана приватна сопственост кај одредени компании нема. Така дополнителното издавање на некоја јавна емисија би претставувало страв кај одредени менаџери дека ќе го изгубат мнозинството ако не се оди на некоја понуда за познат купувач- потенцира Павлевски.
Во рамките на настанот бше промовиран Водичот за Јавна понуда на хартии од вредност, изработен од Македонската берза АД Скопје и Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија.
Во Водичот се објаснува постапката за издавање хартии од вредност по пат на јавна понуда како начин на прибирање на слободен паричен капитал за долгорочно финансирање на компаниите, предностите и карактеристиките на јавната емисија, како и котацијата на берза.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top