Невработен, задолжен и соочен со уште една стресна година од животот на улиците на Унгарија, бездомникот Ласло Андрашчек ги потрошил своите последни пари на лото ливче и така стана еден од поголемите добитници во унгарската историја освојувајќи, нешто повеќе од два милиони евра.
Неговата добивка минатиот септември мина речиси незабележано, се додека овој месец не уплати голема донација во хотел за бездомници. Тогаш раскажа дека купувањето на лото ливче била непланирано, а се случило на железничката станица за пат кон Будимпешта каде одел на состанок за лекувани алкохоличари, јави британски „Гардијан“.
– Одбрав само шест броеви, па продавачката ме потсети дека морам да го одберам седмиот. И реков да стави 24, ионака нема никаква врска, раскажа тој.
Но, очигледно се излажал по тоа прашање и сега планира парите да ги искористи за да основа фондација за зависници и за жени кои биле злоставувани.
Откако ги освоил парите, прво ги отплатил долговите, а потоа отишол да купи автомобил. Но, бидејќи ни тој ни сопругата не возат, автомобилот го купил за своите деца. На сите тројца им купил и станови, ги отплатил долговите на своите роднини и планира да патува во Италија, што порано не можел, затоа што немал пасош.
Тој и сопругата Анико се договориле дека ќе ги вложат парите внимателно за да избегнат судбините на многу добитници на лото.
– Станав богат, но не станав друга личност. Би можел да купам голем телевизор, затоа што можам да си дозволам, но нема да купам три телевизори затоа што можам да си дозволам, порача тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


