Марилена Копа, членка на Прогресивниот сојуз на социјалисти и демократи во Европскиот парламент, денеска официјално соопшти дека си заминува од ПАСОК, коалицискиот партнер на Нова демократија во грчката влада.
Копа соопшти дека ќе остане независен член на Прогресивниот сојуз на Социјалисти и демократи, во кој е претставник за прашања поврзани со одбрана и безбедност. Таа нагласи дека нејзината одлука да си замине од ПАСОК е поради несогласувања со ставовите на партиското водство.
Претходно беше најавено дека Копа размислува да ѝ се приклучи на Демократската левица во пресрет на мајските избори за Европскиот парламент и локална власт.
Грчката европратеничка уште во мај кинатата година поднесе оставка од функцијата шеф на европарламентарната група на ПАСОК во знак на протест поради тоа што на конгресот на партијата беше донесена одлука да се исклучат сите европратеници од новиот централен комитет.
Копа ѝ е добро позната на македонската јавност поради нејзините антимакедонски ставови во европарламентот. Таа постојано ја застапува тезата дека Македонија не е подготвена да почне преговори со Европската унија, и тоа „не само поради спорот со името“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.