
Од извршените испитувања на брисеви од ѕидовите во гардеробите и од ходникот во Средното економско училиште во Тетово не е утврдено присуство на никави невообичаени хемиски материи. Според стручната група, која со примена на најсовремени средства детално го испитувала случајот, биле земени брисеви и од стаклата на прозорците и вратите во објектот каде што учениците и професорите тврдеа дека се случил инцидентот, но и таму немало присуство на опасни средства. Тестовите направени на облека земена од четири лица, кои се тестирани со примена на гасномасен спектрометар, не даваат резултати што би укажале на присуство на непозната материја. Во истиот простор извршено е испитување со цел детекција на гасовите метан и пропанбутан со примена на гасен детектор при што не е констатирано присуство на наведените гасови во просториите од училиштето.
Директорите на Клиниката за токсикологија Андон Чибишев и на Институтот за судска медицина Алексеј Дума денеска потврдија дека клиничкиот преглед и направените клинички лабораториски и токсиколошки иследувања не покажале индиции за постоење штетно дејство од хемиска супстанца.
Чибишев нагласи дека при приемот во болницата пациентите се жалеле на субјективни тешкотии како печење на очите, гребење во грлото, вознемиреност и страв, а неколкумина од нив и на отежнато дишење.
– При приемот во болница пациентите се жалеа на субјективни тешкотии, направениот клинички преглед, клиничките и лабораториски иследувања, вклучувајќи ги и направените токсиколошки иследувања се негативни или во рамки на утврдените референтни вредности – нагласува Чибишев.
На Клиниката за токсикологија во петокот беа хоспитализирани 16 пациенти од кои 10 ученици на возраст од 18 години и шест вработени во гостиварската гимназија од кои најстариот имал 63 години. Сите пациенти биле адекватно прегледани и врз нив се направени одредени клинички лабораториски испитувања, офталмолошки преглед и земен е материјал за токсиколошки иследувања.
По медицинскиот третман поголем дел од нив за кратко време покажале знаци на подобрување и четворица од нив веќе во текот на ноќта инсистирале да ја напуштат Клиниката тврдејќи дека се чувствувале добро, а утредента по направената визита уште четворица од нив инсистирале да ја напуштат болницата, така што до 12 часот напладне Клиниката ја напуштиле сите пациенти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


