Вечерва продолжуваат натпреварите кои сите љубители на фудбалот со нетрпение ги чекаа. Од 20 часот и 45 минути се играат првите два дуела од осминафиналето на Лигата на шампиони.
Манчестер сити на „Етихад“ ќе ја дочека екипата на Барселона. Сити ќе биде без најдобриот стрелец Серхио Агуеро, кој е повреден, како и без суспендираните Настасиќ и Милнер. Каталонците, пка, доаѓаат комплетни.
– Имаме големо почитување кон Барселона. Тие имаат големи играчи, долго време се на врвот и секако дека не е лесно да се задржи победничкиот менталитет долги години. Но, ние ќе бидеме агресивни и ако испаднеме, тоа ќе биде поради тоа што противникот играл подобро од нас, а не затоа што сме се исплашиле – изјави Демикелис.
Што се однесува до меѓусебните дуели, Манчестер сити пред речиси пет години ја совлада Барселона во пријателски натпревар со 1-0, а од тогаш се немаат сретнато.
– Манчестер сити е тежок противник, но, верувајте, ни тие не се среќни што се паднаа со нас. Никој не сака да му се падне Барселона бидејќи е голем тим. Се радувам на дуелот со Пелегрини и сметам дека тој е еден од најдобрите тренери на светот – рече Тата Мартинез.
На вториот натпревар Баер Леверкузен ќе го дочека фаворизираниот ПСЖ. Единствениот што ќе го пропушти натпреварот ќе биде Кавани, додека останатите играчи се подготвени за вечерашниот дуел.
Леверкузен пласманот во осминафиналето го оствари од втората позиција во групата А, во која беше зад Манчестер јунајтед, додека, пак, ПСЖ беше без конкуренција во неговата група.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


