| четврток, 6 декември 2018 |

Георгиевски: „Грчката болест“ се шири низ Балканот

Ljubisa Georgievski (3)

Доскорашниот амбасадор на Република Македонија во Србија, Љубиша Георгиевски, не е оптимист дека прашањето со проблемот што Српската православна црква го има со признавањето на афтокефалноста на Македонската православна црква може наскоро да добие разрешница и неодамнешните позитивни сигнали од Руската патријаршија. Иако, како што посочи во денешниот отчет пред членовите на Комисијата за надворешна политика по завршувањето на дипломатската мисија во Белград, ова е црковен спор, тој, сепак, како што истакна, е и спор кој стои меѓу двете општества.

– Руската црква го финансира покривот или чатијата со злато на новата Светосавската црква . Тоа е еден важен факт. Друг важен факт е што сите главни српски прелати се доктори во Атина, сите ја читаат Библијата на грчки, половината се со долг монашки стаж на Света Гора. Иако на духовното влијание многу се игра на теоријата „ние и Русите двеста милиони“, де-факто интимата е се уште поврзана со грчката црква и грчката формула за етничката распределба на православието – рече Георгиевски.

Дополнителна пречка е што по постигнатиот договор со Косово српската јавност е ранета и тоа што црковното прашање се решава со друго темпо.

– Црковните прелати се избрани доживотно, не се борат ниту за рејтинг, ниту за реизбор. Тие имаат работа со Господ, а тој има време, така што тука ќе се начекаме, не сум оптимист – рече Георгиевски.

Во однос на односите на земјите од регионот, тој истакна дека се плаши од „грчката болест“ што, како што истакна, ќе завладее на овие простори, а се состои во ставањето вето на земјите од западен Балкан една на друга.

– Прва се разболи Словенија, потоа Бугарија, сега Хрватска најавува 50-60 милијарди воена отштета од Србија, не знаеме какви ќе бидат барањата за Албанија. Ќе се поставуваат крвави услови. Нашата сеопшта политика дека колку земјите ќе се приближуваат кон ЕУ пропорционално ќе се демократизираат испадна обратно и место да се демократизираат, тие се шовинизираат. Тој пример за жал го дадоа Грците. Можам да држам три семестра предавање за нивната апсурдна политика, злосторничка би ја нарекол – рече Георгиевски.

Тој се осврна и на односите меѓу Македонија и Србија по признавањето на Косово.

– Јас отидов во Србија кога претходниот амбасадор беше прогласен за персона нон грата по ваквата одлука. Односите беа подобрувани постепено, особено што имав аргумент в рака со кој го побивав нивното тврдење дека Македонија им забила нож во грбот бидејќи јас три години пред да се случи тоа на тогашните премиер и претседател Воислав Кошуница и Борис Тадиќ им го кажав тоа – рече Георгиевски.

До влошување на односите рече, повторно дошло кога Мкаедонија испратила амбасадор во Косово.

– Тогаш бев повикан во тамошното МНР каде што бев искаран и тоа од младо дете, политички директор на Министерството по наредба на тогашниот МНР Вук Јеремиќ. Но, повторно прогласување персона нон грата би било премногу, а политичкиот директор рече дека нема тоа да го направат само поради мојот интегритет – рече поранешниот амбасадор Георгиевски.

Потоа, како што наведе, повторно следувало пеглање на меѓусебните односи, продлабочување на меѓусебната соработка, која резултирала со заедничка седница на владите на две земји.

Пофалби за својата дипломатска мисија, покрај од пратениците од партиите на власт, Георгиевски слушна и од опозициските пратеници.

– Ја задржавте висината на нивото на дипломатијата и ја подобривте. Одредени случувања беа очекувани со оглед на одлуките што беа донесени во Собранието. Во дипломатијата особено е потребен континуитет, што нема да го има по изборот на новиот амбасадор. Жал ми е што по вас не беше испратен човек на исто ниво – рече Игор Ивановски од СДСМ.

Пратеничката од ДУИ Ермира Мехмети истакна дека Србија во периодот на еден мандат на Георгиевски доживеала трансформација, или, како што посочи, ја прифатила реалноста со цел да може да постигне напредок во трката за членство во Европската унија. Тоа рече, е пример, кој треба да го следат сите земји на кои евроатланските интеграции им се цел.

– Во духот на она што го говоревте ќе се осмелам да ви подарам една моја книга со наслов „Обединет Балкан“, која ја напишав во Софија и тоа на на англиски јазик, за да не се помисли по сто години дека сум бил бугарски писател. Мислам дека во вас ќе најдам добар читател за таа книга – рече Георгиевски одговарајќи ѝ на Мехмети.

Присоединувањето кон ЕУ не е трка, додаде тој, и не е важно кој ќе стигне прв или последен, ама не заради тоа што не е важно, туку заради друг длабок феномен.

– Не постои трка каде целта е подвижна. Мора да признаеме дека ЕУ неколку пати е фатена на дело со политики на двојни стандарди. Ако се тркаме целта мора да е статична, рече Георгиевски додавајќи дека во спротивно трката не е релевантна.

Покрај Љубиша Георгиевски, отчетно обраќање имаше Мухамед Халили за вршењето на должноста амбасадор во Белгија и Игор Попов за вршењето на должноста амбасадор во Словенија. На денешната седница Попов тебаше да ја престави платформата за дипломатски активности како новоименуван амбасадор во Холандија, и Александра Наќева Ружин за Шведска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top