| четврток, 6 декември 2018 |

Европската комисија бара почеток на преговорите со Македонија

evropska unija

Неформалната Влада на Европската унија не отстапува од својот предлог – барање за отворање на пристапните преговри со Македонија и решавање на спорот со Грција во раната фаза на овој процес.

Петер Стано, портпарол на еврокомесарот за проширување Штефан Филе, го демантираше директорот на Генералнио директорат за проширување, Кристијан Даниелсон, кој пред две недели во Скопје кажа дека Македонија ќе ги почне преговорите за членство откако ќе го реши наметнатото прашање за името.
– Не сум сигурен дека господинот Даниелсон се изразил на начинот на кој е протолкуван во неговата изјава. Она што тој го кажа е и она што е генералната позиција на Европската комисија кога станува збор за Македонија. Оваа позиција е многу јасна во однос на прашањето за името и се наоѓа во стратешкиот документ кој е објавен заедно со прогрес-извештајот за Македонија минатиот октомври. Во овој стратешки документ за политиката за проширување ние велиме дека веруваме оти одлуката за отворање на пристапните преговори ќе придонесе за општото подобрување на добрососедските односи – изјави Стано.

Според гласноговорникот на Филе, тоа е генералниот став на Брисел, додека, според него, особено е важно да се најде заемноприфатливо решение на прашањето за името, кое ЕК го гледа како есенцијално за да се најде решениее. Сепак, тој додава дека е до земјите-членки да одлучат за отворање на пристапните преговори откако истите ќе оценат дека сите потребни услови се исполнети.

– Ние како Европска комисија, неколку пати ја повторивме нашата подготвеност да подготвиме преговарачка рамка за да се справиме со овие прашања и да презентираме предлог за преговарачка рамка кој ќе ја земе предвид потребата за решавање на прашањето за името во раната фаза од пристапниот процес. Земјите-членки не одлучиле за ова сѐ уште, но тие ветија дека годинава ќе се вратат на ова прашање – вели Стано.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top