Полицијата трага по Н.К. (28), посочен од тројца малолетници како можен сторител на вчерашниот случај во дивата ромска населба кај реката Пена во Тетово кога беше активираната експлозивна направа. Како што информира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски, Н.К. е во бегство.
При вчерашниот увид на местото од експлозијата, полицијата, јавниот обвинител и екипа на МВР за антитероризам пронашле траги од крв, кратер со одредени димензии, метални фрагменти од непознато експлозивно средство и оштетувања на блискиот ѕид, додека при претрес на куќата на Н.К. била пронајдена граната за рачен фрлач. Според Јосифовски, сѐ што е пронајдено, ќе се вештачи.
Во експлозијата на засега непознатата експлозивна направа беа повредени пет деца на возраст од 10 до 14 години кои играле на улицата, при што две девојчиња на возраст од 12 и 14 години по укажаната помош во тетовската клиничка болница со сериозни повреди по телото и нозете, но во стабилна состојба надвор од животна опасност биле препратени на клиниките во Скопје. Од другите три повредени едно е задржано на лекување во тетовската болница, а две се пуштени дома. Увидот доцна синоќа е прекинат, но денеска продолжи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.