| четврток, 6 декември 2018 |

Лука Кортина: Правење претстава е животен чин

Многу е важно да останеме луѓе. За тоа говори и претставата „Духот на слободата“. Многу е важно да има емоции кои ќе не заштитат од огрдувањето на светот околу нас што скоро планирано го спроведуваат луѓето. Тоа се трудам да го правам низ претставата, вели италијанскиот режисер одомаќен во Македонија повеќе од седум години

Лука Кортина е Итајлијанец кој живее и работи во Македонија повеќе од седум години, а во Скопје дојде по препорака на познатиот режисер Паоло Маѓоли. Тука дипломираше режија на скопскиот Факултет за драмски уметности во класата на професорот Слободан Унковски. Случајно или не, тој неодамна имаше премиера во Кумановскиот театар со претставата „Духот на слободата“ чиј текст го напиша истакнатиот македонски драматург Горан Стефановски. Ништо не е случајно во нашите животи, па така и доаѓањето на Кортина во Македонија, студирањето, режирањето.

Кога Кортина, во 2005 година, тогаш 26-годишен гледал претстава на Александар Поповски решил дека сака да биде режисер. Имал среќа професор да му биде Унковски. А сега тој режира текст на Стефановски. Три години работел како асистент на Поповски и искрено се надева дека таа соработка ќе продолжи и во иднина. – Нашата професија е полна со идни планови. Сакам да го збогатувам моето искуство со соработка со други театри, други држави. Тоа е повеќе животен план – вели 33-годишниот италијански режисер кој одлично го говори македонскиот јазик.

„Духот на слободата“ е претстава чиј текст го напиша Горан Стефановски. Тој и Унковски беа уметничка двојка која ги одбележа 80-те и 90-те години како златни години на македонската театарска сцена. И двајцата се врвни во она што го работат и денес. Случајно го одбравте овој текст на Стефановски?

Не само јас, туку целиот свет е запознат со нивната работа. Во периодот кој го споменувате, Драмскиот театар од Скопје ги живееше ѕвездените моменти и беше еден од најпознатите еворпски театари во тоа време. И јас, кој бев млад во тоа време, го знаев тоа. Тоа не влијаше на мојата одлука во изброот на овој текст. Искуството со Унковски ме научи дека не тоа е човек кој создава шаблони. Напротив, тој те поттикнува да бараш свој личен израз. Одлично е искуството да се работи на текст на Стефановски. Се надевам дека по претставата нешто ќе ви остане во мислата, не само во памтењето.

02

„Пикник на фронтот“ е вашата испитна претстава која се играше на ФДУ и по фестивалите. За неа добивте многу позитивни критики. Со Поповски работите неколку години, како негов асистент во „Животот на Молиер“, „Балканот не е мртов“ и уште неколку проекти. Што е посебно во работата со него и што е она што Ве научи Унковски?

Работењето на „Пикник на фронтот“ беше еден среќен период и оттаму е и одличната соработка со повозрасните актери како Перо Арсовски, Снежана Стамевска, потоа со колеги и другари од Факултетот со кои и сега соработувам. Претставата стана фестивалска, но никој не ни ја откупи во театрите. Се повеќе ми се чини дека правење театар, или правење претстава или филм е се повеќе еден животен чин. Тоа е еден вид градење на начин на живеење. Тој начин на работи потоа се одразува на претставата што се работи, а потоа и во нашиот живот. Тоа го воспримив во соработката со нив. Многу е важно да останеме луѓе. За тоа говори и оваа претстава „Духот на слободата“. Многу е важно да има емоции кои ќе не заштитат од огрдувањето на светот околу нас што скоро планирано го спроведуваат луѓето. Тоа се трудам да го правам низ претставата.

Седма година живеете во Македонија. Одлично го говорите македонскиот јазик. Лани дипломиравте на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на професорот Унковски. Што ве натера да дојдете во Македонија?

03

Во 2005 година, во градот во кој живеев, Прато, кој е во близина на Фиренца, гостуваше една претстава на националниот театар чиј режисер беше Александар Поповски. Тоа беше претставата „Дантоновата смрт“ работена со театарот на Удине, Италија. Јас како средношколец, аматерски се занимавав со театарот. Откако ја гледав таа претстава одлучив да бидам театарски режисер. Потоа, неколку настани се поврзаа. По два-три дена Паоло Маѓели, познат италијански театарски режисер почна да води работилница во театарот и работејќи со него го изградив концептот за студирање режија. Зборувајќи со него за моето воодушевување од претставата на Поповски, тој ме окуражи да дојдам во Македонија. Дојдов, и на мое големо изнанадување и радост беше вратен и Унковски, кој мене ми беше познат како врвно режисерско име. Во тоа време знаев дека е во САД. Бев воодушевен што можам да студирам во неговата класа. Среќата едноставно ме следеше. Така почна приказната за моето доаѓање во Македонија.

Во Фиренца веќе завршивте еден факултет. Каква е таа сила, кој е тој порив кој ве натера да оставите се во Италија, целиот свој живот и да дојдете тука во Македонија и да режирате претстави во македонските театри?

На Универзитетот во Фиренца студирав средновековна книжевност. Завршив уште пред четири години и ми остана уште одбраната на дипломската работа. Според италијанскиот закон не може да се студира истовремено на два факултети, така што книжевноста во моментов е во мирување. Планирано е во почетокот на идната година да ја одбранам дипломската тема. Многу сум задоволен од она што го добив како знаење на ФДУ. Среќен сум што го сретнав Унковски и како уметник и како човек што го запознав. Истото се однесува и за моето искуство во соработката со Поповски. Вакви искуства ме учат да размислувам малку пошироко за нашата професија. Можеби изгледа како „мала работа“, но, сепак, станува збор за сериозна „мала работа“. Човечкото однесување станува еден елемент што треба да се чува. Многу лесно може да избега во некои фанатизми диктирани од егото.

Доаѓате од Фиренца, од лулката на европската култура во Македонија. Како се живее во Италија, а што е тоа што ве тера да останете во Македонија?

Знам дека на многумина им е чудна мојата одлука. Но, кога во животот ќе вложиш се за да го оствариш сонот, државите и државјанствата стануваат споредни. Тогаш се гледа перспективата на човекот, на човечкото во нас. Јас сум презадоволен од својата италијанска историја, ја познавам и македонската. Но, тоа не е главно. Најважно е што можам да го правам она што сум сакал цел живот да го работам и заради кој сум оставил еден живот за да го почнам ова.

Што е она што ви се допаѓа во Македонија, а што е она што ви пречи?

Ми се допаѓаат луѓето во Македонија, ги сакам уметниците. Не ми се допаѓа тоа што луѓето слабо веруваат во себе. Повеќе би ги охрабрил луѓето да бидат тоа што се отколку да имитираат нешто друго. Тешко е да се зборува што не ти се допаѓа во една земја која ти дозволува да живееш и да остваруваш некои важни работи.

Пишува: Александра Мазнева Бундалевска

Фото: Дејан Станчевски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top