| четврток, 6 декември 2018 |

Министерството за труд и УНИЦЕФ ќе работат на раниот детски развој

ран развој

Двегодишен работен план (ДРП) за ран детски развој 2014-2015 година потпишаа денеска министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, и претставникот на УНИЦЕФ за Македонија, Бертран Демулен.

– Тргнувајќи од значењето на правата на децата, нивниот правилен развој и едукација, денес потпишавме  двогодишен договор за соработка со УНИЦЕФ во доменот на предучилишно образование или раниот детски развој за поддршка на активности во насока на реформи во секторот со цел овозможување на пристап на сите деца од рана возраст кон квалитетно предучилишно образование, и тоа особено за најмаргинализираните деца – рече Спасов.

Во 2013 година беше направен голем исчекор во реформите на предучилишно образование – се измени и усвои Законот за детска заштита и се усогласи со европското законодавство и најдобрите меѓународни практики во  раниот детски развој. Законот отвори големи можности за зголемување на пристапот кон предучилишно образование преку овозможување на различни основачи и различни форми на опфат.

– Во минатото, само општините можеа да основаат детски градинки, а со новиот закон таа можност е дадена и на приватниот сектор, на невладините организации и на физички лица.  Градинките беа единствена форма на опфат, а со новиот закон се предвидоа и други поисплатливи и поефикасни форми на опфат, како што се, на пример, центрите за ран детски развој кои се алтернативи на градинките во руралните средини. Законот, исто така, ги воведе Стандардите за рано учење и развој како основа за работа со децата, но исто така предвиде механизми за обезбедување квалитет, како што е лиценцирањето, професионалното усовршување на воспитувачкиот кадар, инспекцијата и така натаму – додаде Спасов.

Резултатите од овие реформските зафати, како што нагласи, веќе се очигледни бидејќи во 2013 година има опфат од 34 отсто на деца на возраст од четири до шест години споредено со 2005 година кога опфатот беше само 11  отсто.

– Со поддршка на Владата на РМ во 2013 година, се отворија 13 градинки во рурални средини, а 6 градинки беа отворени во приватниот сектор и уште 14 центри за ран детски развој со пододршка на УНИЦЕФ. Се инвестираше во многу обуки на кадарот за реализација на реформите во градинките – посочи Спасов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top