На последните анкети Вашата партија ја нема меѓу партиите што ќе влезат во парламентот доколку утре има избори? Кои се Вашите очекувања и каква ќе биде распределбата на пратеничките места доколку сега се одржат предвремени избори?
Зиков: На анкетите им нема крај, и во текот на годината, а особено во овој предизборен период. Не знаете веќе ни кој ги прави, па ако сакате ни кому особено му служат. Во голема мера се намножија агенции за рејтинзи и за тендери, така што, да ми простите, сѐ некако станува нерелевантно. Секој што од каква било причина ќе остане без работа си регистрира маркетиншка агенција или агенција за односи со јавноста, или некоја агенција за истражување на јавното мислење и за мерење рејтинзи. Оваа дејност во Македонија ја загуби смислата на своето постоење. Еве, ексклузивно, ќе ви кажам дека во Алијансата за позитивна Македонија правевме интерна анкета за наши потреби во која пет илјади граѓани одговараа на 16 прашања. На прашањето кое вас ве интересира одговорот во нашата анкета беше следниов: доколку утре се одржат избори, Алијансата за позитивна Македонија ќе освои шест-седум пратеници.
Што е тоа што очекувате да ги привлече гласачите кон вас?
Зиков: Нови лица, идеи, силни и конкретни проекти и поинаков пристап на решавање на проблемите на граѓаните. Нови лица не мора да значи и само млади луѓе или деца во политиката.
Алијансата за позитивна Македонија ќе им понуди на граѓаните детална програма за работа. Во неа ќе бидат објаснети решенијата за најголемите проблеми: сиромаштијата и социјалните случаи, огромната невработеност, потребата за силни домашни инвестиции во нови претпријатија и фабрики, со конкретни решенија како да се реализира таа политика затоа што сметаме дека државата е директно повикана да создаде услови за такво нешто, а сметаме и дека има пари за создавање нова домашна македонска економија, лесен пристап до евтини и атрактивни кредити за бизнис, без притоа да се ставаат во залог и последните квадрати од наследството од родителите, често неатрактивна недвижност… Ќе го изедначиме статусот на домашни и на странски инвестиции и нема да ги бркаме домашните инвеститори, кои само за да ги добијат привилегиите на странските инвеститори во зоните, мора да ги вртат парите, па преку странство да ни се наметнуваат како странски инвеститори.
Домашните инвеститори ги гледаме во делот на граѓаните од сите краеви на Македонија. Сакаме да ги развиваме локалната и регионалната македонска економија. Ни треба нов бизнис. Нови претпријатија на сите страни од нашата земја. Преработувачки капацитети за производство на храна. Ќе водиме политика за ниту еден квадратен метар од македонската земја да не остане необработен во текот на годината. На македонската земја мора да бидат насадени и обработени високопродуктивни и извозни култури. И не извоз на примарно земјоделство. Тоа мора да биде суровина и влез во македонски фабрики за производство на храна, кои потоа ќе извезуваат на Балканот, на европските и на светските пазари.
Владата на Алијанса за позитивна Македонија, или владата во која ќе учествуваме, ќе води политика за реализирање на секоја таква идеја на наш граѓанин или група граѓани, ако е оценета како реална, силно извозноориентирана и ако вработува од 10 до 50 и повеќе граѓани. За такви идеи не може да нема пари. Ќе има пари без залог и хипотека.
Подготвени ли сте за предвремени парламентарни избори? Вие би оделе во Вашиот крај – третата изборна единица?
Зиков: Да. Подготвени сме за избори! Уште не сме решиле каков ќе ни биде распоредот по изборни единици. Посебно ме мотивира и многу сме среќни во Алијансата што секојдневно ни се придружуваат многу луѓе.
Многу млади луѓе, пред да ја донесат својата конечна одлука трајно да се иселат од земјата, си даваат уште една шанса верувајќи ни на зборовите што ги кажуваме. Ги замолуваме да ни дадат шанса и заедно со нив да ги решиме најтешките транзициски проблеми што нѐ бркаат од огништата и нѐ тераат да го заработуваме лебот во туѓина. Отидени таму со бугарски пасоши или со престој на диво. Верувајте, секојдневно масовно ни се придружуваат граѓани од сите изборни единици и од сите етнички групи.
Во моментов во Алијансата за позитивна Македонија членуваат припадници на 17 етнички заедници во Македонија, како и повеќе од триесет професори, доктори и магистри на науки.
Како и по кои изборни единици ќе се распоредиме, ќе решиме во наредниот период, кога ќе се распишат и изборите. Ако се распишат …
Која е Вашата визија за Македонија и кои се методите за да се остварат Вашите цели?
Зиков: Во еден дел веќе одговорив на ова прашање. Нашата основна визија е преку нашето политичко дејствување на македонските граѓани, без разлика дали се од село или од град и без разлика на верската и на етничката определеност, да им понудиме решенија за живот овде во Македонија. Знаете, ние сме свесни дека светот се отвора и сѐ повеќе се уриваат бариерите и границите меѓу државите. Глобализацијата ги измеша културите и различните вредности и културите станаа конкурентска предност на глобалниот пазар во економијата, но и во тоа што значи културни и цивилизациски вредности.
Затвореноста на општествата и политика што води кон изолација веќе не се компатибилни со целите за економски развој и за добар животен стандард. Земјината топка станува сѐ помала затоа што подвижноста на граѓаните од многу земји станува сѐ поголема. Гледаме дека кинеските и јапонските туристи веќе стигнаа и во Македонија. Нѐ освојуваат со своите фотоапарати. Оттука, Македонија мора да произведе политика и амбиент во кој нејзините граѓани ќе се чувствуваат слободни и способни да шетаат, да бидат туристи на едно современо ниво, а туристичката посета на туѓа земја да не ја чувствуваат како можност за трајно останување таму… и за заработка на црно. Затоа што, сите сме свесни дека сѐ полесно е големите професионалци, граѓаните со вештини и со знаење да наоѓаат добри работни места далеку од Македонија. И ова како индивидуална слободна граѓанска определба на поединецот, за што силно се залагаме, е во ред.
Но, проблемот што го гледаме е губењето на чекорот на македонското општество и на економијата со балканските и со европските општества и економии.
Тоа што загрижува е и фактот што сѐ повеќе инвеститори од Македонија по неколку реализирани добри деловни зделки или приватизации, особено нејасни приватизации од деведесеттите години на минатиот век, сега се решаваат да се иселат од Македонија. Виена и уште неколку европски градови се полни со една таква заедница на богати Македонци. Место парите да ги инвестираат во земјата, тие се решаваат за трајно иселување.
Ајде да направиме една ваква анкета: актуелните политичари – големи бизнисмени и сопственици (особено тие од времето на приватизацијата, силно поврзани со сите македонски влади во овие 23 години), лидери на партии, високи партиски функционери, пратеници од сите партии и други високи државни службеници нека се осмелат и нека кажат каде живеат, студираат или работат нивните деца.
Поради тоа отсуство на чувство за своја држава и за можностите што ги нуди, Македонија денес заостанува во однос на повеќето балкански држави затоа што го губи супстратот, хемиската формула, кодот на функционирање како просперитетна држава – а тоа, пред сѐ, е најсилниот слој од граѓаните сфатени како работници, инвеститори, професионалци, па дури и како родители, синови и ќерки. Иднината.
Мачни се помислата и фактот дека секој човек во определена рана возврат, откако ќе се здобие со потребната диплома и откако ќе заработи малку пари, заминува и бега неповратно.
Ова е најголемиот македонски проблем во моментов. Светска банка, истата институција што секоја година нѐ фали за подобрување на деловната клима во својот извештај „Дуинг бизнис“, во други свои извештаи забележала дека во последните 15 години од земјава заминале повеќе од 400.000 граѓани. Свесни ли сме дека тоа е речиси една четвртина од целото македонско население… Каков апсурд. Одлична деловна клима и услови за водење бизнис, а освен странците што добиваат привилегии да инвестираат во Македонија, домашните граѓани заминуваат и не можат да го видат тоа!
„Денеска СДСМ, по 23 години власт, сѐ уште не е решен дали Зоран Заев и Радмила Шекеринска им се иднината или, можеби, згрешиле пред една година и сега треба да го вратат Бранко Црвенковски“
Опозицијата тврди дека Вие сте приврзок на власта?
Зиков: Која опозиција? Ако мислите на СДСМ, која сѐ уште се претставува како најголема опозициска партија, тогаш мојот одговор е дека таму од поодамна, особено од времето на нивниот претходен лидер, се раскажуваат многу глупости. Да, слушаме дека за нас велат дека сме приврзок на власта…Страшно!
Прво, на ова место сакам да истакнам дека ние во Алијанса за позитивна Македонија не сметаме дека СДСМ е најголемата опозициска партија во земјата. Напротив, сметаме дека таа партија подолго време го узурпира местото на најголема опозициска партија! Го блокира и монополски го држи политичкиот простор на најголема опозициска партија во земјата, а како го прави тоа? Многу просто…
Монополот на СДСМ е директно потхранет со фактот што токму тие или истакнати поединци од таа партија се силен приврзок на денешната власт во Македонија. Погледнете ги само последните случувања и сѐ ќе ви биде јасно… Тие себеси се нарекуваат канцери во сопствената партија, цела деценија се караат, си местат афери. Кај нив деструкцијата е начин на функционирање. СДСМ цело време се занимава самиот со себе …
И денес во нивната епохална стратегија – остани вечно втор и во опозиција (по принципот подобро прв во село отколку последен во град) – тие во секој нов субјект бараат, пред сѐ, непријател за себе. Себеси се нарекуваат најголема опозициска партија и, замислете, уште не се свесни дека таквото нивно кодирање никогаш нема да ги доведе во позиција да ја преземат власта.
Ние подолго време велиме дека нема да се занимаваме со хипокризијата и со кризата на идентитетот на други партии. Свесни сме дека повеќе партии и конкретни политичари во Македонија од поодамна се потрошени. Исто така, велиме дека во ниту еден политички тестамент, во ниту едно политичко наследство на овие простори не стои дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се вечни партии на овие простори.
Затоа го замолуваме СДСМ, па и другите поголеми партии, како и ВМРО-ДПМНЕ, да престане да се занимава со нас… Алијансата за позитивна Македонија доаѓа. Таа е македонската иднина на среден рок од три до пет години. А тоа, гледано во политичка смисла, е, практично, утре. Затоа што времето во политиката, особено во балканската политика, е многу кратко. Погледнете само што се случи на Балканот од 1999 година кога беше бомбардирана Србија, и особено по падот на Слободан Милошевиќ во 2000 година, па сѐ до денес… Видете каде е Србија денес. Пред нас…
Се менуваат политички платформи, се разобличуваат и менуваат цели партии, балкански политичари од националисти се трансформираат во демократи и во граѓански активисти од прв степен. Европски политичари на иднината, поголеми и од Баросо и од Филе заедно.
А, ние останавме со истите ликови од деведесеттите години на минатиот век и во партиите, и во политиката воопшто, и во бизнисот, и во културата, па и во новинарството…
Оттука, денеска СДСМ, по 23 години власт, сѐ уште не е решен дали Зоран Заев и Радмила Шекеринска им се иднината или, можеби, згрешиле пред една година и сега треба да го вратат Бранко Црвенковски затоа што, замислете, тој не е „карциномот“, туку првите двајца биле „карцином“. Епа сега… ако така мислат, нека им биде.
Овде најмалку им се виновни Алијансата за позитивна Македонија и мојата маленкост.
Со кого би коалицирале во идна влада, има ли некој со кого не би сакале да ја делите власта ако освоите доволно пратеници? Планирате ли да имате предизборна коалиција или одите сами на избори?
Зиков: По сите направени досегашни анализи на изборите, најверојатно, ќе одиме сами.
Во идната влада ќе коалицираме со тој што ќе освои доволен број пратеници за да го добие мандатот за состав на нова влада. А, тоа е тој што ќе има најголем број пратеници. И, нормално, ако добиеме покана за коалиција.
По овие избори Алијанса за позитивна Македонија ќе чека покана за владина коалиција во која ќе влезе исклучително со својата програма за работа.
Со оглед на тоа дека лично предвидувам оти по овие предвремени парламентарни избори (ако ги има, се разбира), ќе има и нови предвремени парламентарни избори во период не подолг од две години, ве уверувам дека Алијансата за позитивна Македонија на тие избори ќе го даде мандатарот и кандидат за премиер. Овој процес е неповратен и неминовен…
Оваа партија е македонската политичка европска иднина.
На чија партиска база атакувате? На власта или на опозицијата?
Зиков: Им се обраќаме на сите македонски граѓани од град и од село, без разлика на верската и на етничката припадност. Економската платформа и проектите што ги нудиме се обединувачки затоа што ги решаваат најголемите македонски проблеми. Овде нема место за партиски поделби. Тоа за што зборуваме е агенда на едно класично политичко движење, кое крајно време е да ги разбуди и неопределените. Посебно им се обраќаме на тие што ги гледаат работите од страна и со гадење реагираат на помислата дека треба да излезат и да гласаат…
Ги замолуваме сите македонски граѓани со внимание да нѐ следат што кажуваме и да ни дадат мала шанса. Ни треба мала шанса и да покажеме дека македонските тешки проблеми се лесно решливи ако се има политичка волја.
Каков е Вашиот однос со албанските партии, со Ахмети се договоривте за консензуален кандидат, има ли контакти со ДПА за која сѐ повеќе се говори дека би можела да ја замени ДУИ во Владата?
Зиков: Имаме контакти или, поточно, сакаме да имаме контакти со сите македонски политички партии. Се трудиме да ги оствариме програмските определби и да зборуваме за нив. За разлики и за сличности. Бараме можности за разна соработка со сите партии за доброто и за просперитетот на сите граѓани. Со господинот Али Ахмети и со ДУИ не се договаравме за консензуален кандидат за претседател. На средбата тој нѐ информираше за неговиот став и за ставот на ДУИ дека не сакаат да го поддржат Ѓорге Иванов за претседател на Македонија (ние не се интересиравме од кои причини не сакаат да го поддржат) и, нормално, во таква ситуација секогаш се наметнува прашањето што сега… Господинот Ахмети зазеде став дека за идниот претседател очекува да постигне консензус со својот коалициски партнер во власта – ВМРО-ДПМНЕ. И не само што очекува, туку и бара консензус. Тоа беше пред две недели… ако во меѓувреме нешто се сменило, ќе видиме наскоро. Оттука, Алијансата за позитивна Македонија ниту била тема ниту создала тема наречена „консензуален претседател“. Од друга страна, од разговорот со претставниците на ДУИ добив впечаток дека нивниот став е оти место меѓу двата круга на претседателските избори да се решава победникот, кога веројатно и кандидатот на опозицијата ќе бара средба со албанските лидери, тие на ВМРО-ДПМНЕ му нудат можност практично и пред изборите да се знае победникот. За да не дојде до криза во коалицијата. Тоа е суштината на предлогот на господинот Ахмети. Значи, консензуален кандидат на владината коалиција – ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а не консензуален претседател на Македонија. Многу е важно како се толкуваат работите.
Донесовте ли одлука за претседателски кандидат? Зад чие име ќе застане Алијанса на обединета Македонија?
Зиков: Консултациите по ова прашање се во тек. Работите се променети сега, откако сѐ се погласни најавите за предвремени парламентарни избори. Стратегиски сме фокусирани на парламентот.
Колку членови брои Алијансата во моментов? Каде мислите дека сте најсилни?
Зиков: Имаме илјадници членови. Во сите изборни единици дневно ни се придружуваат по стотици членови.
Во моментов некои партии водат кампања поврзана со новинари. Вие сте дел од таа фела. Како гледате на тоа?
Зиков: Тоа што се случува во македонското новинарство е врвот на кризата и на деструкцијата. Внимавајте, актерите во овие афери се долгогодишни новинари, исто така, производ на транзицијата и на приватизацијата во последните 23 години. Повеќе пати досега сум напишал и сум кажал дека кога наутро некој од македонските политичари или големи бизнисмени ќе се погледне во огледало, на другата страна се појавува по еден уредник или таканаречен голем новинар.
Ова нема врска со слободното новинарство. Напротив, спрегата меѓу неколку корумпирани политичари од транзицијата, кои сѐ уште се актуелни, неколку бизнисмени, таканаречени големи газди, и неколку корумпирани новинари и уредници ја блокираат Македонија речиси во сите сфери затоа што ова е мало општество. Станува мачно да се живее и работи овде.
На таа тема повеќе пати сум разговарал со странски дипломати и со политичари. Тие велат дека фазата во која минува Македонија денес ја виделе пред пет години во Бугарија и во Романија… пред извесно време во Србија и во Хрватска… така што во еден момент сѐ ќе си дојде на свое место. Тоа што мора да се помине, ќе се помине. Всушност, ако добро размислам, токму овие односи се вистинските пречки и проблеми на македонскиот пат кон Европската унија и кон НАТО. Ова е вистинскиот проблем, а не тоа…!?
И покрај тоа што власта ги исполни сите барања на СДСМ, го скрои Изборниот законик по нивна мера, најголемата опозициска партија уште сега почна да бара алиби за евентуален пораз жалејќи се дека ќе има изборни нерегуларности. Според Вас, дали има услови за фер избори и што е причината што социјалдемократите се плашат да излезат на избори?
Зиков: Верувајте, многу ми е ниско да се занимавам со тие прашања. Не сакам да ја трошам енергијата на тоа дали има услови за фер и демократски избори. Ако има крадење на изборите, јавно ќе излезам и ќе кажам дека има крадење на изборите и дека ова не е демократска држава и дека оваа држава, практично, нема иднина. Голем дел од странските дипломати и набљудувачи ѝ даваат речиси последна шанса на Македонија пред да почнат да пеат на друг начин.
Предупредувам дека ако овие избори поминат со нерегуларности и од најмал вид, Македонија ќе го загуби кандидатскиот статус за членство во Европската унија и во НАТО. Ако се случи тоа, тогаш еден господ нека ни е на помош.
По осум години во опозиција, нелогично е некоја партија да ја напаѓа власта дека не прави ништо за граѓаните, а во исто време да не сака да дојде на власт колку што е можно побрзо, преку избори. Која е логиката за таквиот контрадикторен настап на најголемата опозициска партија? Зошто е толку слаб рејтингот на СДСМ? Како ги оценувате поделбите меѓу заевисти и бранковисти? Сметате ли дека можете да ја искористите хаотичната состојба во СДСМ за да привлечете поголем дел од нивното гласачко тело?
Зиков: Многу кажав за ова прашање. Сметам дека опозицијата во Македонија е во голема криза поради монополската и узурпаторска позиција на СДСМ, која себеси се смета за најголема опозициска партија. А не е… затоа што за осум години не успеа да ги убеди неопределените да ѝ се придружат, туку, напротив, создаде нови неопределени граѓани. Во таа партија монополот на донесување одлуки е во главата на еден човек. Тој и денес е главен. Тоа е Бранко Црвенковски, човекот што во политиката влезе во 1990 година. И човекот што денес соработува или е во коалиција речиси со целата македонска политичка сцена. Дури и со Љубчо Георгиевски… Неговите најблиски соработници и денес се високи функционери во СДСМ, а Заев е немоќен да расчисти со нив. Веќе се доведува во прашање и неговата волја – дали, навистина, сака расчистување. Тоа го прави СДСМ слаб на политичката сцена. Безидеен, тромав и деструктивен… Предвидувам расцеп и некој вид распаѓање на овој мастодонт. Некои ликови таму ќе мора да заминат во политичка пензија. Многу од нив и денес работат со власта на тендери и на јавни набавки. Кој вели дека се опозиција. Тие се опозиција во парламентот. Надвор од него најсилните компоненти на СДСМ работат со власта. Едно се. Оттука и заклучокот дека ним им одговора улогата на вечно втора партија во Македонија. Ние нема да го дозволиме тоа. Опозицијата во Македонија мора да биде силна и да биде перманентна закана дека владејачката коалиција може да ја загуби власта. Ова е за доброто на македонските граѓани. Зар ќе дозволиме да продолжи оваа заложничка драма, креирана од две македонски партии и од две албански партии! Ајде малку да ги чукнеме главите и да се прашаме – до кога и до каде можеме вака…
Разговараше: Билјана Зафирова
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Љупчо Зиков е објавено во 75. број на неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.