Десетина дена откако Владата реши да го назначи Љупчо Зиков за директор за финансии во МЕПСО, тој одлучи да се откаже и да ја врати понудата. Тоа го соопшти вечерва преку својот Фејсбук профил. Како што наведува во неговиот статус, единствена причина за ваквата одлука, се бројните негативни коментари со кои беа преплавени социјалните мрежи и портали.
– До сите душегрижници и лоши луѓе кои деновиве ревносно, како кутрето Рекс што го бранеше Тито на Сутјеска од бомбите на фасистичкиот окупатор, се нафрлија со своето тело врз Владата и еуфорично ја бранеја државата од мене (поради изборот во мепсо). Сакам “да им ја дигнам високо раката и да кажам дека победија …” Победија “слепите мишеви”. Ете денес ја вратив поканата од таму од каде што дојде … Да се каже најлошото за мене и моето семејство деновиве не се бираа зборови. Јавноста ја лажеа брутално. Многу писма и зли мисли. Хипокризија. Инбоксот мој полн со клетви и конкретни закани… Се измислуваа разни проблеми и причини… Премногу е. Не вреди тоа толку, пишува Зиков.
– Потполно сум свесен дека цената што се плаќа при прифаќање на ваква функција е висока! Јас бев решен да ја плаќам континуирано низ месеците и годините нанапред, силно посветен на остварување на визијата и мисијата на компанијата и владата со целото мое знаење, посветеност и професионалност. Исто така како што го градевме Капитал и уште четири други мои фирми во минатите 18 (осумнаесет) години. Меѓу кои едукациски центар Концепт за бизнис образование и други фирми… Но, не можам таа цена да ја плаќам уште не влезен во зградата на мепсо. Тоа едноставно не е фер. Затоа “идемо далје” … светот нити почнал нити ќе заврши со мепсо 🙂 Еве го местото е слободно ајде колете се да го земете :)) Им благодарам на сите мои пријатели кои честитаа на изборот и цврсто застанаа зад мојата прва одлука … Им благодарам и на оние кои се истрчаа да хејтаат и да ми се посерат на главата, па си го покажаа своето вистинско жално лице, напиша Зиков.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.