Милица Петрова (25) не е вообичаена млада Македонка, која по дипломирањето чека или бара работа. Таа животот не го замислила во вообичаени рамки – училиште, студирање, вработување… Додека студирала ја интересирале многу работи, а ако пред неколку години сте ја прашале дали може да се замисли како држи говор на светски самит пред државници, амбасадори, јавни личности, сигурно тоа не го помислувала ни во најлудиот сон.
Во моментов е на постдипломски студии на Факултетот за детективи и за безбедност при Универзитетот ФОН во Скопје, чијшто стипендист е. Инаку е дипломирана професорка по англиски и по француски јазик и книжевност, а како трет јазик го одбрала и албанскиот.
Во разговорот со неа ќе научите многу работи, ќе ве изненадат нејзините ставови и размислувања и ќе останете без текст за сѐ што го направила, каде сѐ била и што сторила за себе, но и за другите, како и за промоција на својата земја во светот.
И сето тоа само во последните неколку година. Автор е на една книга, а веќе ја пишува и втората.
– Во моментов сум на постдипломски студии на Факултетот за детективи и за безбедност при Универзитетот ФОН, како стипендист. Исто така, ја пишувам втората книга, вистинска приказна, дел од мојот живот, која ќе биде промовирана и во Минхен, Германија. Се надевам дека сите мои достигнувања ќе ми помогнат да се вработам во институција во која ќе можам со моите искуства и знаења да придонесам за напредок на популацијата во Македонија – вели Петрова.
Нејзината приказна почнува во 2009 година, кога како студент со висок просек била повикана да биде дел од спот за 50 најдобри студенти во Македонија.
– Во 2011 година учествував на светски конкурс во Нигерија, Африка, за инспиративна приказна, која потоа ќе биде публикувана. Се избираа 20 најдобри приказни и мојата го освои првото место и ја освои цела Африка. Првото достигнување од светски размери го постигнав во мај 2010 година. Европската банка за обнова и за развој доделуваше награди за најдобар есеј по повод дваесетгодишнината од падот на „железната завеса“. На конкурсот симболично можеа да учествуваат само родените во 1989 година, кои пишуваа за промените во својата држава, за падот на системите, сиромаштијата и како тоа се одразило врз нивните семејства. Меѓу 24 најдобри есеи, есејот што го напишав беше избран за најдобар и објавен заедно со другите во заедничката публикација. Книгата е објавена во Нигерија, во 2012 година – ја почнува својата приказна амбициозната Милица.
На конкурсот на кој учествувале повеќе од 600 кандидати од Европа и Азија, таа била единствениот претставник од Македонија. Таа во есејот говори за сето бреме на транзицијата низ кое минува Македонија, но благодарение на полетната младост го преточува во нескриен оптимизам, како личен, така и за татковината Македонија.
– Македонија заслужува да биде дел од Европа и дел од светот, а јас ќе бидам таа што ќе се обиде да го докаже тоа заедно со уште голем број млади луѓе, кои веруваат во демократското општество. На конкурсот учествуваа учесници од Европа и од Азија. Од Македонија јас бев единствениот претставник и успеав да влезам меѓу 24 финалисти – вели Петрова.
На почетокот на годинава, на 4 јануари нејзиниот проект „Моќта на образованието да ја победи светската сиромаштија“ бил прогласен за најдобар на светски конгрес во Африка.
– Моментно работам на негово усовршување. Ќе го презентирам на 26 февруари во Лагос, Африка. Поради успешноста и уникатноста на проектот добив покана да го презентирам и реализирам на 7 март, во Индија, Мумбаи, на светски самит. На самитот во Индија ќе присуствуваат светски лидери, дипломати и амбасадори. На тој начин тие ќе бидат запознаени со образовниот систем во Македонија и, воопшто, со нашата земја. Во поканата беше нагласено дека присутните на овој самит посебно се заинтересирани за нашата држава и за нашиот образовен систем – вели Петрова.
Таа мoментно работи на втората книга на англиски јазик, која е продолжение на првата книга, која беше објавена во 2012 година во Африка, „Утрешната реалност денес“ („Tomorrow’s realities today“).
– Идеите најчесто ги црпам од секојдневието и од проблемите на кои наидувам во општествениот живот. Општествено-хуманистичките идеи што ги имам во мене отсекогаш буделе желба да се подаде рака, да им се помогне на тие што страдаат, каде што има глад, жед… – објаснува постдипломката.
Петрова е дел и од тимот на волонтери во Африка.
– Таму им делиме храна и облека на сиромашни семејства. Во 2012 година поделивме храна и облека на 3.000 семејства, а следната година на 4.000 семејства. Откога мојата вистинска приказна беше објавена и промовирана во Лагос, Нигерија, во книгата „Утрешната реалност денес“, здобив многу нови пријателства и познанства. Така добив и понуда да бидам дел од тимот на волонтери што е дел од „Кобо проект“. Целта на тимот е да се победи сиромаштијата, да се обезбеди храна и облека за секого и да се создаде желба кај секоја индивидуа да се образува, да твори и да напредува – вели Петрова.
Младата неготинка од секое патување носи незаборавни искуства, кои ја стимулираат уште повеќе во нејзините желби и ангажмани во реализирање на хуманитарни проекти и учество на конкурси од светски карактер.
– Во Лондон 2010 година, кога напишав есеј за мојата татковина низ последните 20 години и ја освоив првата награда, бев импресионирана и одушевена од заинтересираноста на тамошните новинари, кои сакаа со моето достигнување да го запознаат светот. Засекогаш ќе го паметам мигот кога добив награда во Нигерија за најдобра инспиративна, вистинска приказна „Последната пролет“ – раскажува Петрова.
Иако Петрова е релативно млада, таа со своите искуства и достигнувања од светски размери се издвојува од другите млади луѓе на нејзина возраст.
– Насекаде во светот има место за тие што, навистина, сакаат да успеат. Се надевам дека и во нашата земја има место за таквите луѓе. Тој што сака и е упорен да ги оствари своите цели во животот, би успеал и во Македонија – смета неготинката.
Таа признава дека е многу носталгична. Патриотските чувства ѝ се вродени и не бега од нив.
– Иако имам можност за вработување во странство со сигурност би можела да кажам дека нема да прифатам. Јас сум родена овде, овде се образував и затоа сакам моите квалитети да ги искористам за напредок на мојата земја. Среќна сум и уверена дека мојата татковина може да се гордее со мене и успешно да ја претставам на кое и да е било место во светот. Сигурна сум дека ќе успеам, навистина, да ја оправдам титулата амбасадор на Македонија со сите мои достигнувања – завршува Петрова.
Пишува: Александра М. Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.