| четврток, 6 декември 2018 |

Десетина загинати и 350.000 домови без струја – биланс на невремето во САД

winter-storm-state-emergency-south.siПоследната моќна бура, придружена од обилно снежење и од замрзнати дождови, зафати пошироки региони во југоисточниот дел на САД. Преку 350.000 домаќинства останаа без струја, а многу патишта се непроодни или се претворени во лизгалишта, соопштија американските медиуми.
Најзасегнат е регионот околу Атланта, главниот град на државата Џорџија, која пред само две недели беше парализирана од снежната бура. Преку 175.000 тамошни потрошувачи немаат електрична енергија, а некои од нив ќе чекаат и цела недела за да им се обнови дистрибутивната мрежа.
За едно деноноќие во градот паднале повеќе од 25 сантиметри снег, што за јужната држава претставува вистинска стихиска несреќа. Улиците на Атланта се пусти бидејќи возачите не смеат да тргнат по улиците што се засипани со снег.
Локалното население од утринава ги празни рафтовите на продавниците со прехранбени производи затоа што поради снегот нивното следно обновување се очекува најрано во петок, пренесе ИТАР-ТАСС.
Аеродромот во Атланта ги откажа речиси сите 2.500 полетувања и слетувања, соопштија локалните медиуми. Во целата земја вчера беа откажани над 3.000 полетувања и слетувања.
Во силната бура во југоисточните дежави на САД животот го загубија најмалку десет лица. Три лица загинаа кога возило на брзата помош, што превезувало пациент, се превртело на замрзнатиот пат во Карсбад, во државата Тексас. Двајца загинале во сообраќајна несреќа во државата Мисисипи. Само во Јужна Каролина, во текот на минатата ноќ, 273 пати била побарана помош поради незгоди на патиштата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top