| четврток, 6 декември 2018 |

Албански државјани се обиделе да шверцуваат вино од Македонија во Албанија

vino

Петмина албански државјани, биле фатени како претовараат вино од македонско производство за шверц во Албанија.

Полицијата јавува дека во текот на вчерашниот ден, поточно околу 23 часот, од страна на полициски службеници од ПС за ГП „Стење“ кај месноста „Див паркинг“, атар на село Стење, затекнати се пет лица при обид илегално да изнесат од Република Македонија во Република Албанија алкохолни пијалоци и други производи.
Имено, на околу 150 метри од ГП Стење од страна на полициски службеници биле фатени пет лица – М.М. (26), Т.С. (29), А.Л. (28) Д.Т. (24) и И.С. (30) сите родум од Република Албанија но со албанско и македонско државјанство како пренесувале од паркирано ПМВ “мерцедес Е 200“ со бугарски регистарски таблички пакети со производи кои ги претоварувале во вреќи со намера илегално да ја минат државната граница и да ги пренесат шверцуваните производи. Лицата заедно со стоката се приведени во ПС за ГП Стење. При направениот увид констатирано е дека се работи за 234 шишиња од по 0,75 милилитри и 80 шишиња од по 3 литри разни сорти вино (“Смедеревка“, Алтан Вранец“, “Тга за југ“) како и 56 туби кечап и 120 восочни табли. По направените разговори со пријавените утврдено е дека стоката со проценета вредност од 108.260 денари, била сопственост на Љ.Ј. (21) од Пустец Република Албанија, исто така со двојно државјанство, којшто веднаш по ова е приведен и којшто изјавил дека стоката ја купил во Битола а лицата ги ангажирал за илегален транспорт на истата со намера да ја препродаде во Република Албанија. По целосно документирање на случајот против инволвираните лица ќе биде поднесена соодветна пријава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top