Проширувањето на НАТО не е на агендата, а повеќе клучни елементи на Алијансата се во хаос, оцени Курт Волкер, поранешниот американски амбасадор во НАТО, на вчерашната дебата за иднината на НАТО во Вашингтон.
Во пресрет на самитот на НАТО во Велика Британија во септември, Волкер оцени дека НАТО се соочува со отсуство на водство од страна на САД, хаос во односот со Русија и неподготвеност за реагирање во светските кризни жаришта.
– Проширувањето на НАТО и менаџирањето со кризи се двете крупни работи кои НАТО ги заврши по падот на комунизмот. Овие два елементи се во хаос деновиве. Градењето на Европа како обединета, целосна и во мир не е завршено. Имаше големи успеси, видовме прием на дузина нови членки, но погледнете го Западниот Балкан, Босна, Косово или Македонија, каде имаме уште незавршени работи. Уморни сме од НАТО, немаме буџет, ниту идеи – изјави Волкер, на дискусијата организирана по повод посетата на францускиот претседател Франсоа Оланд на САД.
Волкер рече дека е изненаден од фактот што Франција предводи во мировни операции, додека САД одвај прифаќаат да преземат заднинска улога.
– Има отсуство на американско лидерство во НАТО. Во Либија со сила не одвлечкаа да интервенираме. Во Мали дури сакавме да им наплатиме на Французите за помошта која ни ја побараа. НАТО веќе не е Алијанса која е предводена од САД – изјави Волкер.
Самитот на НАТО ќе се одржи во септември, во британскиот град Њупорт, и се уште не е јасно дали проширувањето ќе биде поставено на агендата. Македонија и Црна Гора, кои се водечки кандидатки за членство во НАТО, деновиве добија поддршка од 40 конгресмени на САД, како и од сенатори како Џон Мекејн и Кристофер Стивенс. Поранешниот амбасадор Волкер побара од САД да извршат политичко влијание повеќе тешки прашања да бидат поставени на агендата.
Според Волкер, одложувањето на решавањето на отворените прашања, само ја усложнува положбата на НАТО, која, како што рече, е соочена со најсериозни безбедносни закани по падот на комунизмот. Волкер ги наведе кризите во Украина, Либија и Египет, како и војната во Сирија опишувајќи го кругот на нестабилност околу сферата на НАТО.
Истовремено, во американскиот Сенат, за заканите во светот сведочеше директорот за национално разузнавање Џејмс Клапер, кој се појави пред Комитетот за одбрана на Сенатот. Клапер исто така оцени дека САД се соочени со исклучително висок број на закани, без преседан во поново време.
Како главни закани, Клапер ги посочи војната во Сирија и нејзиното прелевање во соседството, иранската нуклеарна програма, односите со Русија и Северна Кореја и компјутерските напади кои се закануваат со попречување на доставувањето на храна, вода и струја. Сенаторите кои го испрашуваа Клапер констатираа дека доцни спроведувањето на договорот за отстранување на сириското хемиско оружје, како и обидите да се постигне договор со Авганистан за задржување на барем мал број американски војници по планираното повлекувањео текот на годинава.
Во исто време, сенаторите Џон Мекејн, Карл Левин, Деб Фишер и Тед Круз изразија сомнеж дека договорот со Иран ќе доведе до укинување на иранската нуклеарна програма, и предупредија на трка во нуклеарно вооружување со арапските соседи на Иран. Иако Балканот, и Македонија, се наведени на крајот на извештајот на директоратот на Клапер, тие не беа спомнати во дво и пол часовната дискусија во Сенатот, како што не беше спомнато ниту проширувањето на НАТО.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Метју Палмер во Сараево: Македонија може да стане членка на НАТО до средината на 2020 година
-
Пендаровски: Од јануари очекувам да бидеме на иста маса со НАТО
-
Не се очекува земјите од Алијансата да распоредат ново нуклеарно оружје во Европа
-
Захарова: НАТО му ветил на Горбачов дека нема да се шири кон исток