| четврток, 6 декември 2018 |

Бесплатни испитувања за трудниците од ранливи категории

Деталните испитувања на податоците со кој располага Институтот за мајки и деца и на податоците кои ги имаат во Министерството и констатирале дека доеничката смртност е најголема кај овие групи, а особено значаен фактор е предвременото породување

main_trudnica2

Трудниците кои примаат социјална помош, минимална плата или се невработени нема да плаќаат партиципација за микробиолошки брисеви во рамки на предвидените прегледи за време на бременост. Ова е нова мерка од програмата за мајки и деца. Бремените жени потребно е само да достават: потврда дека се невработени од Агенцијата за вработување, доказ дека се приматели на социјална помош од центрите за социјална работа или потврда дека примаат минимална плата.

– Согласно проценките станува збор за околу 6.000 бремени жени годишно кои ќе бидат опфатени со оваа програма за можност за бесплатни брисеви. Нема да има ограничување доколку има поголем број бремени жени во текот на годината односно има можност да ја прошириме оваа програма. На овој чекор се одлучивме затоа што податоците говорат дека токму предвременото раѓање и недоносеност се почести кај ранливите групи жени, жени со понизок социо-економски статус, како и жени од рурални средини – рече Никола Тодоров,министер за здравство.

Тој потенцира дека правеле детални испитувања на податоците со кој располага Институтот за мајки и деца и на податоците кои ги имаат во Министерството и констатирале дека доеничката смртност е најголема кај овие групи, а особено значаен фактор е предвременото породување.

– Инфекциите во текот на временоста претставуваат важен и сериозен здравствен проблем и токму затоа овие прегледи се важни особено за спречување на предвремено раѓање и конгенитални аномалии, пореметување на растот на плодот, недоносеност, стерилитет, спонтани абортуси и респираторни проблеми кои може да завршат и со смртен исход кај новороденчето, укажа Тодоров.

-Токму тие испитувања кои се прават во 12 до 14 недела се многу важни за текот на бременоста, вели д-р Јованка Костовска од министерството за здравство.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top