| четврток, 6 декември 2018 |

Швајцарците на рефендум за доселениците

svajcarija-620x348

Швајцарците во недела ќе излезат на првиот референдум во 2014 година на кој ќе се одлучува за тоа дали сакаат да биде ограничен бројот на доселениците во нивната земја, кој, во зависност од исходот од изјаснувањето на граѓаните, би можел да има далекусежни последици по статусот на една од најбогатите земји во светот.

Референдумот кој се одржува под мотото „Не за масовното доселување” го организираше Швајцарската народна партија (SVP), поединечно најсилната политичка партија во швајцарскиот парламент, која и препознатлива по нејзините конзервативни, антиимиграциски, а според некои и ксенофобични ставови. Партијата го бара референдумот за повторното воведување квоти за странците коишто смеат да се доселуваат во Швајцарија, но и за ткн прекугранични работници, барателите на азил и бегалци, бидејќи тврдат дека токму зголемувањето на бројот на доселениците довел до „заболување” на швајцарското општество кошето се гледа во губењето на обработливи површини, пренаселеноста, преоптоварениот јавен сообраќај, зголемувањето на цените на трудот, порастот на криминалот, злоупотребите при барањето азил и губењето на националниот идентитет.

Швајцарија во 2007 година ги укина дозволите за странските работници, а со новиот предлог станува збор за повторното воведување на квотите, односно ограничување на бројот на дозволите за престој на 2.000 годишно за граѓаните од земјите од ткн група А8, коишто во Европската унија влегоа во 2004 година. „Не сакам да живеам како сардина во конзерва”, вели за таблоидот Blick независниот политичар Томас Миндер, заговорник на иницијативата за намалување на квотите за доселениците.

Во репортажата на BBC по повод референдумот во Швајцарија, се наведува примерот на гратчето Цуг, 20 километри јужно од Цирих, коешто со многу ниските корпоративни даноци привлече речиси 20 илјади компании во оваа порано сиромашна земјоделска област, но напливот на богати дојденци однадвор драстично ги поскапела животните трошоци и многу мештани ги принудила да се отселат. Особено се напнати односите меѓу Швајцарците и Германците, и покрај заедничкиот јазик. „Германците ги добиваат подобро платените работи и купуваат куќишта”, ги објаснува забелешките на Швајцарците сопственик на ортопедска компанија Телтин Торстен Швенке, и самиот Германец.

Во оваа алпска земја годишно влегуваат околу 70 илјади имигранти, а од вкупно осум милиони жители, малку над 23 отсто се странци, што Швајцарија ја прави земја со најголем процент странци во Европа, по минијатурниот Луксембург. Прашањето на имигрантите, инаку, е постојано е присутно во швајцарското општество и референдумите за тоа циклично се повторуваат, но овој доколку успее би можел драматично да ги наруши односите со Европската унија, бидејќи зафаќа еден од нејзините темели а тоа е слободното движење. Швајцарија не е членка на Европската унија, но со неа има потпишано околу 120 билатерални договори кои ги уредуваат односите на сите нивоа, а оној за слободното движење, кој го потпиша во 1999 година е еден од главните.

Затоа швајцарските власти се вознемирени, бидејќи според последните истражувања на јавното мнение на реномираниот институт Gfs од Берн, бројот на оние коишто ја поддржуваат иницијативата расте и неколку дена пред одржувањето на референдумот изнесуваше 43 отсто, односно шест проценти повеќе отколку две седмици претходно, додека бројот на оние коишто се спротиставуваат опаѓа и изнесува 50 отсто, или пет проценти помалку отколку во јануари, со 7 отсто неопределени.

Заговорниците на иницијативата велат дека многу Швајцарци не ја разбираат логиката на имиграциската политика со којашто се обидува да се оствари раст на економијата само затоа за да можат да се вработуваат уште доселеници. Противниците на иницијативата, пак, сметаат дека тоа е напад и врз високостручните странски работници чиј број исто така ќе биде ограничен, бидејќи тврдат дека тие се пресудни за сегашниот квалитет и конкурентноста на швајцарските мултинационални концерни во секторите на високата технологија, фармацијата, банкарството, но и во здравството.

Меѓу таквите најмногу има Италијанци, а веднаш зад нив се Германците, коишто традиционално работат во ИТ, финансискиот и во здравствениот сектор. Околу половината вработени во истражувачкиот и развојниот оддел на фармацевтскиот гигант „Roshe” се странци, вели извршниот директор, Австриецот Северин Шван. „Придвижувач на швајцарската економија се иновациите. „Затоа ни се неопходни висококвалификуваните работници од Швајцарија и надвор од неа”, вели Ханс Хес, челникот на „Swissmen”, од секторот на електричната енергија и инженерството. Податоците покажуваат дека 45 отсто од вработените во швајцарските фармацевтски, хемиски и биотехнолошки сектори се граѓани на земјите членки на ЕУ, а во хотелскиот сектор работат 40 отсто странци.

Од десет новоотворени компании во Швајцарија, четири се во сопственост на странци, а во нов во 2013 година биле вработени 30 илјади луѓе. Странците се и големи потрошувачи, па така „Credit Susisse” објави дека четвртината од порастот на личната потрошувачка од 2008 година им се припишува на доселениците.

Европа е и најголемиот трговски партнер на Швајцарија, која во неа минатата година извезе производи и услуги во вредност од 120 милијарди швајцарски франци, па прифаќањето на референдумот силно би ги загрозил и односите со Европската унија, којашто предупреди дека не само што нема да дозволи повторно да се преговара за слободата на движењето, туку и самата ќе преземе контрамерки.

„Илузорно е да се мисли дека повторно би можело да се преговара само за слободата на движењето. Слободата на движењето е дел од внатрешниот пазар, дел од пакетот. Не може Швајцарија да го избере она што ѝ одговара, а другото да остане на страна”, изјави потпретседателката на Европската комисија и еврокомесар за правосудство, основни права и државјанство, Вивиан Рединг. Преговорите би можеле да се водата само глобално, за пакетот од сите 120 билатерални договори меѓу Швајцарија и ЕУ поради „гилотинската клаузула” којашто сите меѓусебно ги поврзува. „Таквите преговори не би биле во интерес на Швајцарија”, истакна Рединг, додавајќи и дека се неосновани стравувањата од долгорочните последици на доселувањата за швајцарскиот социјален систем, бидејќи социјална помош во Швајцарија примаат само 3,7 отсто од државјаните на земјите членки на ЕУ, во однос на 4 проценти Швајцарци.

„Швајцарија многу тешко би функционирала без единствениот европски пазар. Шеесет отсто од швајцарскиот извоз се остварува според условите од билатералните договори за пристапот на единствениот пазар”, порача Рединг, додека претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо беше уште подиректен и јасно рече дека без слободата на движењето на луѓето Швајцарија нема да има привилегиран пристап до европскиот пазар.

Оттаму, повеќето швајцарски партии и владата апелираат на граѓаните да гласаат против референдумот, а неодамна во таа пропаганда им се придружи и Швајцарското здружение на работодавачи и организациите коишто ги претставуваат земјоделците, произведувачите на часовници, хотелската индустрија, осигурителните компании, индустријата за уреди и текстил, болничкиот и информатичкиот сектор, како и научните кругови. „Одобрувањето на иницијативата би ги загрозило одамна воспоставените билатерални односи со ЕУ”, предупреди министерот за надворешни работи Диде Буркалтер, а министерот за економија Јохан Шнајдер-Аманд истакна дека „швајцарскиот деловен сектор многу тешко би наоѓал соодветен персонал, а би наишол и на нови текотии при извозот на пазарот на ЕУ”.

Владата ги повика Швајцарците да отфрлат уште еден референдум кој се занимава, исто така, со прашањето на доселувањето. Имено, во текот на годинава тие ќе се изјаснуваат и за иницијативата на организацијата за заштита на природната средина Ecopop којашто околината и природните ресурси сака да ги заштити со ограничување на доселувањето на 0,2 отсто од вкупниот годишен прираст на населението. За тоа претходно ќе треба да дебатира и парламентот, како и за прашањето за тоа слободата за движење на луѓето да се прошири и на Хрватска којашто стана членка на ЕУ од 1-ви јули 2013 година, за што Швајцарската народна партија веќе најави дека ќе иницира референдум.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top