Македонскиот пијанист Симон Трпчески при своето деби во бугарската престолнина, со изведба на бис и’ возврати на публиката која долго го наградуваше со аплаузи во исполнетата сала Бугарија во Софија. Тој синоќа (7 февруари) настапи во изведбата на Концертот за пијано и оркестар број 1 од Чајковски, како солист на Оркестарот на Бугарското национално радио, под диригентската палка на маестро Емил Табаков.
-Со голема радост го очекував овој концерт од повеќе причини. Ми беше мило да ја прифатам поканата на маестро Табаков, кој е веројатно најголемото диригентско име во Бугарија во моментов и да свирам во Софија заедно со неговиот оркестар, Оркестарот на Бугарското национално радио. Соработката беше многу пријатна. Се изненадив што луѓето овде ја следат мојата кариера и подолго време го очекувале мојот настап, и тоа не само музичари и новинари, туку и публиката. Реагираа со овации и големи аплаузи, а и честитките што ги примав потоа до долго во ноќта покажаа колку е изграден односот кон класичната музика. Чувството е навистина убаво. Професионалната соработка со музичарите значеше взаемна мотивираност, дадоа се’ од себе и отсвиревме на високо ниво. Куриозитет беше фактот што претходната вечер и Софиската филхармонија со гостин од Русија го свиреше, замислете, истиот концерт на Чајковски, но салата беше полна двете вечери. Благодарен сум за убавиот прием од бугарската публика. Тој веднаш значеше покани за нови гостувања, вели Трпчески.
Зад диригентскиот пулт беше миленикот на нашата публика, драгиот и чест гостин на Македонската филхармонија, Емил Табаков, кој исто така не го криеше задоволството што конечно се реализира неговата дамнешна желба за оваа комбинација на сцената:
-Соработката е со големо задоволство и за мене и за сите музичари од оркестарот. Со Симон се запознавме за време на моите гостувања во Македонија, но јас за него слушав многу насекаде каде што настапував низ светот. Симон е исклучителна појава, уникатен музичар и пијанист од највисока класа. Вечерашниот концерт мислам дека беше празник за сите нас – и за музичарите и за публиката, појасни маестро Табаков за Македонското радио.
Инаку, концертот беше директно пренесуван на програмата на Бугарското радио, а со 7 камери беше реализирана и снимка за Бугарската национална телевизија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.