| четврток, 6 декември 2018 |

Стипендии за студенти и постдипломци во Пекинг

Технолошкиот институт од Пекинг нуди 10 стипендии за магистерски или докторски студии, како и стипендии за 20 студенти од македонските универзитети во рамки на програмата за размена, соопшти Министерството за образование и наука.

Стипендијата ги покрива трошоците за школување на Институтот, сместување во кампусот и трошоци за исхрана, осигурување и наставни материјали за време од две години за магистерски студии, односно четири години за докторски студии.

Апликациите може да се поднесуваат до 30 април 2014 година. За селекција и препорака на квалификуваните кандидати, задолжена е Амбасадата на Република Македонија во Пекинг.

На веб-страницата на МОН се наведени документите кои заинтересираните кандидати треба да ги достават, како и начинот и адресата на аплицирање.

Пекиншкиот технолошки институт (Beijing Institute of Technology) е основан во 1940 година и е еден од клучните национални универзитети во Кина за наука, инженерство и уметности, со значајни достигнувања во повеќе области.

Се состои од 17 академски училишта и нуди 60 програми за додипломски студии, 49 програми за постдипломски студии и 23 програми за докторски студии. На Институтот годишно студираат над 400 странски студенти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top