МРТ го иницира овој проект во година кога се навршува 70 години македонско радио и 50 години македонска телевизија.
– Со тенденција да прерасне во традиционална, оваа манифестација има за цел да им оддаде почит на личности и дела, чиишто заложби, достигнувања, инвентивност, позитивен ефект врз заедницата и одговорностите инспирираат и ги потврдуваат националните и општо човечки вредности – изјави Мери Попова, уредник на забавна програма на МТВ.
Ќе бидат доделени признанија во 19 категории, во различни сегменти од општествениот и деловниот сектор, инвестиција на годината, град на годината, кампања, пронајдок на годината, хуманист, туристичка понуда, филм, книга, уметник на годината, проект, подвиг, хит од забавната и македонската фолк музичка сцена, фестивал на годината, спортски успех, менаџер, признание за општествена одговорност, театарска претстава и настан коишто ја одбележаа 2013тата година.
„МРТ за најдобрите“ за 2013. година има ревијален карактер и е креирана според критериумите на новинарите од различните сектори и области на секојдневно работење од крајот на 2012 и 2013тата година.
– Признанието што ќе им биде доделено на 19-те најдобри е статуетка чијшто идеен концепт и симболика се рефлектира низ индивидуалноста и посебноста на секој од елементите, кои само заеднички го создаваат единството, а со тоа ја потврдуваат и заедничката вредност, цел и посветеност. Вредностите како и достигнувањата на исклучителните поединци или групи, се преточени не само во самата манифестација туку и во изледот на статуетката – дополнува Попова.
Вечерта посветена на најдобрите ќе биде збогатена со изведби на познати естрадни и уметнички имиња како Каролина Гочева, Тамара Тодевска, дел од ансамблот на Македонскиот Народен Театар и Детскиот хор како и Биг Бендот на МРТ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.