Повеќе од 15 часа им беа потребни на босанските пожарникари да ги локализираат пожарите во зградите на Претседателството на БиХ и на Владата на кантонот Сараево по масовните демонстрации што од вчера беснеат во главниот град на БиХ. Со натчовечки напор и без соодветна опрема, 48 пожарникари успеале да го спасат она што можеше да се спаси.
Сите апарати за гаснење на пожар на сараевските пожарникари утрово се празни и ако денес избие оган некаде во главниот град, прашање е како и со кои средства ќе биде угасен. По целовечерната битка со огнот, сите се хронично уморни, пишува „Кликс.ба“.
– Пожарникарите ги жртвуваа своите животи – рече заменик-командантот на професионалната Противпожарната бригада, Омер Шетиќ.
Откако огнот ја зафати зградата на Владата на кантонот Сараево, пожарникарите добиле информација дека на вториот кат, од огнот се заробени неколку луѓе во состојба на шок и без излез. Со брза интервенција успеале да извлечат двајца мажи и четири жени.
– Имавме 14 возила и 48 пожарникари меѓу кои и волонтери. Се поделивме, некои од нив го гасеа огнот во Претседателството, а другите беа распоредени во зградата на Владата. Првиот пожар беше изгаснат веднаш по полноќ, но, сепак, ние ќе останеме тука цел ден да чуваме стража.- додава Шетиќ.
Тој вели дека сѐ ова го потсетува на 1992 година, кога во Сараево беше во екот на граѓанската војна, а Шетиќ бил дел од гасењето на пожарите во двете згради.
– Ова ме боли повеќе , бидејќи огнот го запалија наши луѓе. Tогаш зградата на претседателството гореше само од едната страна, а овој пат од сите страни – вели тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.