Грчкиот провладин весник „Катимерини“ денеска објавува коментар за евроинтергацијата на земјите од Западен Балкан, во кој тврди дека, всушност, европските партнери на Грција не сакале проширувањето да биде меѓу приоритетите во првите шест месеци од годинава.
Венизелос со молскавична брзина ќе отпатува во земјите од Западен Балкан во име на грчкото претседателство со ЕУ. Тој брза да го убеди Западниот Балкан дека и покрај економската криза изгледите за проширување сè уште се живи, иако ова прашање не е меѓу приоритетите на грчкото претседателство, пишува „Катимерини“.
Според весникот, аргументот на Венизелос е дека прашањето за интеграција на Западен Балкан веќе беше решено на самитот во Солун 2003 година, и затоа „таа вода веќе тече“.
Вистината е дека Атина сакаше да го вклучи во дневен ред, како „Солун 2014“ со цел на тој начин да даде импулс во напорите што беа преземени во 2003 година. Но, тоа не се оствари поради нашите моќни партнери и нивните „сателити“, тврди „Катимерини“.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, весникот нагласува дека европските партнери не го сакале ова прашање на патот кон евроизборите во мај, со оглед на тоа што евроскептицизмот е на „црвено“ во повеќе европски земји, и затоа тие не сакале во време на криза да ги уверуваат своите избирачи дека Албанија, Босна и Македонија треба да влезат во ЕУ. И овие нивни намери ги искажале на самитот во декември.
Тоа не значи дека клучот за „рајот“ на нашите северни соседи фати ’рѓа и се очекува Венизелос тоа да им го нагласи на неговите соговорници, пишува Катимерини.
Весникот потоа со по една реченица се осврна посебно и на Албанија и на Македонија, при што не пропушти шанса да го обвини премиерот Груевски за диктатура и дека се крие зад конфликтот со Грција за името.
Застапувајќи владини ставови, „Катимерини“, како на предизборен митинг, заклучува дека не е откажана стратегијата на ЕУ за постепена интеграција на Албанија и на државите што настанаа по распадот на Југославија, со цел да се елиминираат националистички ривалства и луѓето да живеат без да мразат без граници.
Вратите остануваат отворени за сите. Тие, сепак, пред сè треба да ги исполнат неопходните критериуми. Не постои друг начин, заклучува провладиниот весник најавувајќи дека Венизелос при посетата на земјите од регионот нема да каже ништо ново.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.