Потребно е многу време, сериозна волја и сериозен проект што ќе му обезбеди на украинското општество процес на залечување на длабоките резови што го создадоа идентитетскиот вакуум. Засега, во вакви околности, може само да се забави процесот на продлабочување на јазот, но не и да се реши, смета продеканот на Воената академија, потполковник Методи Хаџи-Јанев. Според воениот аналитичар, во сегашната ситуација најмногу страда народот во Украина, кој е ставен во состојба на „пинг-понг“ меѓу своите фрустрации и проблеми и интересите на Западот, Русија, Владата и опозицијата. Хаџи-Јанев гледа можност целата криза да се заврши без крвопролевање, но предупредува на внимателност бидејќи, како што вели, една од најнепредвидливите работи е револтот на народот.
Ова што се случува денес во Украина личи на нешто повеќе од изразување незадоволство кон актуелната власт? Зошто во земјата постои толку длабока поделеност?
Хаџи-Јанев: Иако, во генерална смисла, може да се издвојат неколку причини за незадоволството (од економската криза што го тресе целиот свет, преку негативните ефекти од глобализацијата, па сѐ до неостварените очекувања од Јанукович) мислам дека во суштината на овој револт се крие еден посериозен проблем. Станува збор за криза на идентитетот со кој Украина се бори подолго време, а сериозно исплива на површината по осамостојувањето. Поделеноста во таа насока е резултат на варијаблите (факторите) што ја оформуваат идентитетската криза. Тие варијабли се одраз на историјата, географијата – блискоста до Запад (Европа) и до Исток (Русија), демографијата, политиката и на економските интереси како на соседите, така и на одредени елити. Историски гледано, Украина отсекогаш била опозиција на Русија. Во тој контекст влијанието во пограничните делови на некогашната Руска Империја, односно СССР, особено тие што се блиски до Европа на Запад се под изразено антируско влијание. Во склад со анулирање на овие девијации, разни политичари применувале различна политика, па за време на СССР, во голема мерка доаѓа до менување на демографската слика, но и до сериозно бледнеење на украинскиот идентитет. Освен тоа што бројот на руското население е зголемен (што, да бидеме искрени, е тренд уште пред СССР), на украинскиот идентитет му е зададен уште еден удар со отуѓувањето на јазикот од украинското население. Како резултат на таквата политика, денес иако украинскиот јазик е официјален, како и во многу други поранешни делови од СССР, на пример Молдавија, во значителен број средовечните и повозрасните генерации речиси и не го зборуваат мајчиниот јазик, т.е. украинскиот. Конечно, негативните ефекти од глобализацијата пресликани преку интересите на одредена елита ставаат печат и во украинското општество. Имено, иако со изразено украинско потекло, поголем дел од олигарсите притиснати од опасноста дека приближувањето кон ЕУ ќе значи затегање на нивниот бизнис и начинот на кој го водат, му беа благонаклонети на Јанукович, во кого гледаа гаранција за продолжување на практиката во бизнисот, која им го обезбедила статусот на олигарси во општеството.
Може ли да се реши оваа идентитетска криза?
Хаџи-Јанев: Во суштина, за речиси сите работи во животот постои одредено решение. Тоа, секако, е прашање на волјата да се направи тоа, цената за тоа и енергијата што треба да е вложи и, секако, времето што е потребно за тоа. Засега, во вакви околности, може само да се забави процесот на продлабочување на јазот, но не и да се реши. Иако, да бидам искрен, не гледам како во оваа констелација на односи и на поларизација. Денес најмногу страда народот во Украина. Да сумирам, мислам дека е потребно многу време, сериозна волја и сериозен проект, кој ќе му обезбеди на украинско општество процес на залечување на длабоките резови што го создадоа идентитетскиот вакуум.

Мирните протести против власта, кои траат речиси два месеца, во последно време стануваат сѐ понасилни, покрвави… Кој стои зад насилствата и кому му одговара хаосот во Украина? Имаат ли странските разузнавачки служби вмешано прсти во разжестувањето на протестите?
Хаџи-Јанев: Па, сериозно мислам дека сѐ што ќе проговориме во овој контекст во дадениот момент ќе се сведе на шпекулација. Факт е дека често поради минатото со кое сме соочени и поради многуте скандали или афери во ваква ситуација прво што паѓа на памет е дека станува збор за некаков заговор. Официјално ниту на ЕУ, ниту на Русија (која се перцепира како братска земја со Украина) не им одговара нестабилна Украина. Но, во практика, поткопувањето на проблемот од кој почна да пука обвивката околу кризата на идентитетот е резултат на не ефикасноста на Јанункович да се соочи со економските проблеми. Само колку за потсетување, откако Јанукович побара помош за долгот од ЕУ, и откако ЕУ се согласи да помогне, но под одредени услови, Москва тропна на вратата и постави свои услови. Откако Јанукович одбра страна (Русија), револтот на опозицијата се претопи со старите проблеми за кои проговоривме, поврзани со идентитетот. Попрецизно, користејќи ја оваа ситуација со економските предизвици, постојниот проблем (независно од проблемот со идентитетот) се става многу лесно во функција и на тој начин добивате сериозна криза. Ако ова го ставите во контекст на Портокаловата револуција од 2004 година, би можело да се каже дека постојат одредени групи што спонзорираат промени. Без да заземам страна, ниту да судам дали тоа е оправдано, или не, би укажал дека проруски медиуми упорно укажуваат дека одредени корпорации ги спонзорираат протестите. Ако проанлизирате малку подлабоко ќе видите дека овие корпорации, водени од својата агенда за дејствување, ја спонзорираа Портокаловата револуција во 2004 година, но ја спонзорираа и промената во Египет, Отпор во Србија и сл. Според проруски анализи, овие корпорации имаат разработено методи со кои вметнуваат активисти што се обучени за оваа намена и најчесто имаат симболично име како: „Кмара“ во Грузија, „Пора“ во Украина, „Кел кел“ во Киргистан, или „Зубр“ во Белорусија. Вметнатите активисти пропагираат и соодветна симболика, која алудира на не послушност кон системот и е автентична за секое подрачје или регион каде што се дејствува. Иако тие што се залагаат за развивање на ненасилни методи за соборување на режими, а се блиски на корпорациите што се споменуваат како спонзори на опозициските движења, негираат каква било поврзаност со владите на Запад, руските служби укажуваат на интересни податоци. Имено според овие податоци најголемите грантови од каде што се влечат средствата за овие активисти се совпаѓаат во изворот со тие што ги користи ЦИА за грантовите доделени на академските контрактори што ги најмува. Е сега има две големи „но“ во сето ова. Прво, многу е тешко ова документирано да го докажете за да излезете од превезот на теориите на заговор. Второ, историски успехот на руската разузнавачка служба е резултат на способноста за тоа оваа служба да стане мајстор на дезинформацијата. Оттука, што друго и да кажеме може да остане само на база на лична интерпретација, за која од позицијата што ја имам, професор и истражувач, понатаму нема смисла да се говори ако немате опипливи докази.
Земјата долго време не може да се реши по кој пат да оди. По одлуката на украинскиот претседател Виктор Јанукович да го одбие договорот за поблиска соработка со Европската унија, Украина, практично, го промени дотогашниот курс и се сврти кон „братска“ Русија. Што лежи зад ваквата одлука на Јанукович?
Хаџи-Јанев: Па и овде би повикал на внимателност. Мислам дека договорот за поблиска европска соработка не е до крај објаснет кај нас. Всушност, овој договор дојде како понуда, откако Јанукович побара помош за решавање на долговите, а не доби понуда за амортизација на долговите. Оваа понуда, според многу аналитичари, беше сериозен предизвик за Украина, кој би ја фрлил на колена и би ја направил, буквално, колонија на Европа, или попрецизно на Германија и на нејзини фирми како продолжена рака во Полска. Суровоста на договорот, ако го погледнете, покрај тоа што предвидува сериозни кратења од сегашните трошоци и енормно штедење, налага и отпуштање на значителна работна сила (која иако не е директно посочена, според одредени респективни аналитички кругови би се движела меѓу 25.000 и 400.000 работници). Тоа за Украина е сериозна бројка. Во оваа понуда не се споменува и фактот дека индустријата на исток и на југоисток од земјата ќе наиде на сериозен конкурент од европскиот квалитет. Имено, производството на челик, машинската индустрија, како и воената индустрија со овој договор за соработка, едноставно, ќе колабираат. Тоа го признаа и официјални претставници на Европската комисија. Тоа што, исто така, не се споменува кај нас е дека овие понуди дојдоа кога Јанукович и не беше во најдобар однос со Русија. Односите им беа нарушени по неколку основи, меѓу кои најголемите обвинувања за лошата состојба во Украина се на адреса на Москва. Но, откако суровиот предлог на Европската комисија беше разгледан и од продолжените „уши“ на Путин, Кремељ мораше да стапи на сцена. Имено, покрај другото, понудата на Европската комисија значеше проблем за Русија. Со таа понуда Германија ќе можеше преку Украина да го преплави рускиот пазар. Царинската контрола меѓу Русија и Украина е мошне слаба. Тој што се обидел да помине на граница ќе забележи дека речиси и не постои некаква контрола за руските и за украинските граѓани. Луѓето имаат роднински врски, па би рекле дека постои виртуелна слобода на движење на стока, услуги и на капитал. На тој начин, индиректно Европа, а пред сѐ Германија, можеше да го пробие дебелиот руски мраз со кој се држи каков-таков баланс. Според одредени анализи, и Вашингтон има свој удел. Овие хипотези заговараат став според кој ова е одмазда за Сирија, за Ангола, за Венецуела, за Зимбабве, па и за Египет.

Какви се шансите да се реши кризата по мирен пат?
Хаџи-Јанев: Мислам дека тоа во овој момент многу малку зависи само од народот на Украина. Во голема мера, како што објаснив и претходно, народот е ставен во состојба на пинг-понг меѓу своите фрустрации и проблеми и интересите на Западот, Русија, Владата и опозицијата. Факт е дека властите користат многу чудни методи, како таа на локација на граѓаните преку нивниот мобилен и во исто време праќање порака како предупредување за тоа дека не треба да се на демонстрациите. Постои можност сето ова да се заврши без крвопролевање. Сепак, мора да се биде внимателен бидејќи една од најнепредвидливите работи е револтот на народот. За многу кратко време состојбата може да ескалира, по што е тешко да се управува ефективно. Најмногу што можете да направите е да гаснете пожар и да влеете решенија што се компромисни.
Колку оваа идентитетска криза во Украина можеме да ја препознаеме кај нас? До која мера го имаме овој проблем и ние?
Хаџи-Јанев: Па, ова прашање зависи од контекстот во кој го набљудувате. Ако говорите за македонскиот национален идентитет е една работа. А кога говорите за етничкиот идентитет е друга работа. Кај националниот идентитет мораме да работиме сите заедно и да избегнеме поларизација. Него мораме особено да го негуваме. Во однос на етничкиот идентитет, лично мислам дека сме далеку од таков проблем каква што има Украина, ако ставите на пример во некој историски контекст (антички македонски наспроти словенски).
Факт е дека постојат идентитетски несогласувања, меѓутоа, верувајте ми, не сме сами во приказната. Секоја држава на некој начин има вакви динамики. Франција го има Југот, САД ги има Калифорнија и Тексас. Тоа што сакам да го нагласам е дека идентитетските прашања избиваат тогаш кога состојбата се поларизира. Индивидуите во влошени состојби се приближуваат кон групата на која припаѓаат и со која сакаат да се идентификуваат. Преку неа сметаат дека подобро ќе бидат заштитени и подобро ќе можат да се реализираат во општеството. Во принцип, зачувувањето и негувањето на идентитетот и не е лоша работа. Тоа што е лошо е ако се дозволи разликите да се користат за манипулација и да се изострат до ниво на поларизација по која нема враќање.
Разговараше: Ненад Мирчевски
(Интервјуто со потполковник Методи Хаџи-Јанев е објавено во 74. број на неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Украинските морнари признале: Добивме задача, влеговме во руски води и тука чекавме наредби
-
Македонија и Украина ќе ја интензивираат политичката и економската соработка
-
Иванов ги прими акредитивните писма на новите амбасадори на Украина и Индија
-
Путин по стапките на Трамп: Русија почна да гради ѕид со Украина


