| четврток, 6 декември 2018 |

Народна банка: Пак паднаа цените на становите

narodna banka makedonija

Пад на цените на становите во Скопје и во последниот квартал на минатата година регистрира Народна банка на Македонија (НБРМ).

Во својот квартален извештај НБРМ посочува дека индексот на цените на становите во последните месеци од минатата година забележи намалување од 3 отсто, така што единствен раст на вредноста на живеалиштата лани е регистриран во третото тромесечие.

„Ваквите движења на квартална основа придонесоа за забрзување на падот на годишна основа (пад од 3,8 отсто, по падот од 1,3 отсто во третиот квартал на 2013 година)“, наведува НБРМ.

Причина за ваквата состојба, според Народната банка, е постојаната висока понуда на пазарот на недвижности во изминатите неколку години, која се гледа од високиот збирен раст (80 отсто) на изградбата на станбените згради во првите три квартала на 2013 година. Додатен фактор во намалувањето на цената на колективните живеалишта е и намалувањето на трошоците за изградба, односно трошоците за градежни материјали што во своите анализи го посочи и Државниот завод за статистика.

Народната банка проценува дека постојат позитивни придвижувања на страната на побарувачката за овој вид недвижности, што може да се согледа од забрзаниот раст на одобрувањето станбени кредити во периодот октомври – декември 2013 година. Промотивните кампањи на дел од комерцијалните банки придонесоа за зголемување на интересот за станбени кредити кај македонските граѓани.

НБРМ ја пресметува цената на становите во главниот град четири пати во текот на една година, врз основа на огласите за продажба од страна на агенциите за промет со недвижности.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top