Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, денеска при посетата на Крушево се сретна со градоначалникот Ѓорѓи Дамчески, како и со директорите на институциите од областа на културата во овој град. Како што соопштуваат од Министерството за култура, Канческа-Милевска ќе ги посети: Спомен-домот на Тодор Проески, галеријата „Никола Мартиноски“ и музејот – „Леарница“.
Канческа-Милевска ќе ја посети и куќата на семејството Важаровски на ул. Коча Милену бр. 14, која е еден од најрепрезентативните станбени објекти во Крушево, на која целосно е извршена реконструкција на фасадата и на покривот.
– Задоволство ми е што можев да ја посетам реставрираната куќа во Крушево и семејството кое живее во неа. Посебно задоволство е што се среќни и сопствениците зашто им е обновен домот. Ова е значајно и за сите кои живеаат во централното подрачје на Крушево со автентични градби – изјави при првата посета на реставрираната куќа Канческа-Милевска.
За реставрацијата на фасадата на крушевската куќа Министерството одвои 2,5 милиони денари, а проектот го спроведе Завод и музеј Прилеп.
– Куќата беше во многу лоша состојба. Комплетно ги обновивме камените ѕидови, целосно е обновена фасадата, дограмата и куќата е обоена со орнаменти на значајните места со сина боја – специфична за крушевските градби – изјави директорката на Прилепскиот музеј, Гордана Данилоска-Спироска.
Министерката Канческа-Милевска го промовираше и вториот проект во Крушево – целосна конзервација и реставрација на фасадата и на покривот на Музејот на Илинденското востание, односно куќата каде што е прогласена Крушевската Република.
– Работите беа обемни за заштита на еден од најзначајните споменици на културата – Музејот на Илинденското востание каде што се чуваат највредните документи за градот, за подготовките и текот на Илинденското востание, материјалите за прогласувањето на Крушевската Република, Манифестот, мапите, оружјето од тоа време, носиите униформите. Во оваа фаза, за покривот се одвоени 500.000 денари. В година ќе биде следната фаза, обнова на музејската поставка – изјави Канческа-Милевска. Обновената поставка ќе содржи и документи кои првпат ќе бидат покажани во јавност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.