Аудиоснимка од телефонски разговор меѓу американскиот амбасадор во Украина, Џефри Пиат, и помошничката на американскиот државен секретар Викторија Нуланд, во која дискутираат за американската позиција во Украина, се појави на интернет.
Во четириминутниот разговор, кој наводно е воден непосредно откако украинскиот претседател Виктор Јанукович им понуди на опозициските лидери Арсениј Јацењук и Виталиј Кличко премиерска позиција и негов заменик, американските дипломати разговараат за тоа како САД треба да се постават во таа ситуација.
– Не сум баш сигурна дека тој е добар избор – вели Нуланд за поранешниот светски шампион Кличко.
Во еден дел од разговорот Нуланд го споменува и гГенералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, кој во Киев испрати свој претставник да ги испегла разликите, а потоа зборува и за начинот на кој ЕУ се поставила во украинската криза.
– Знаеш што, за**и ја Европската унија – му вели Нуланд на амбасадорот.
Прв кој ја спомена снимката на интернет е Дмитриј Лоскутов, помошник на рускиот вицепремиер Дмитриј Рогозин. Тој на својот профил на „Твитер“ го објави линкот од снимката упатувајќи на делот каде што Нуланд зборува за ЕУ. Официјален Вашингтон досега не ја демантирал веродостојноста на снимката. Портпаролот на Белата куќа, Џеј Карни, одби да ја коментира содржината на снимката, а во исто време се обиде да го посочи прстот кон Москва.
– Видеото прв го спомна претставник на руската влада. Мислам дека тоа говори нешто за руската улога во сето ова – рекол тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.