Советниците и градоначалникот на општина Лозово едногласно донеле одлука со која на сите ергени и немажени девојки од општината ќе им се доделат по 20 илјади денари доколку стапат во брак.
Одлуката се однесува на ергените над 40 години и на девојките над 35 години се со цел да се мотивираат и да стапат во брак.
Како што информираше на денешната прес-конференција Орце Цветковски градоначалникот на општина Лозово, во општината живеат 2.858 жители во 11 населени места, а има 98 ергени над 40 години и 8 девојки над 35 години.
– Мислам дека на овој начин ќе ги мотивираме сите оние кои немаат склучено брак да стапат во брачна заедница и со тоа да го зголемиме наталитетот во општината кој е во опаѓање – истакна Цветковски.
Тој информира дека одлуката ја поддржал и бизнисменот, Благој Механџиски кој се заложил да им понуди можност за вработување соодветно според нивното образование и бесплатни медицински прегледи до породувањето доколку се согласат да стапат во брак.
За оние момчиња и девојки кои ќе се согласат да склопат брачна заедница предвидени се 50.000 денари како помош за опремување на домашна бања и 50 литри ракија и 100 литри вино на брачната веселба, повторно од бизнисменот Механџиски.
Општина Лозово е втората македонска општина после Свети Николе која изгласа ваква одлука со цел да се зголеми одлучноста кај ергените и девојките да стапат во брак.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.